
Галеријата „Метаноја“организира отворање на изложбата „аСиметрија“ на Гордана Јаневска денес понеделник 07 април 2025 година од 20:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.
Изложбата ќе трае до 12 април.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Самиот наслов „аСиметрија“ си поигрува со поимот и ја посочува намерата на уметникот. Дискрепанцијата во распоредот во зборот кој почнува со мала буква за втората да биде голема е знак дека насликаната асиметрија уште повеќе го нагласува феноменот на симетријата. Острите агли и преклопувачките асиметрични форми создаваат илузија на повеќекратна перспектива. Фрагментацијата на лицата кон чија хармонија тежнее окото го „вади од колосек“ набљудувачот и го прави свесен за нешто на што симетријата не би го поттикнала. Преку различните геометриски перспективи набљудувачкиот субјект добива увид во повеќеслојноста на секој „идентитет“. Свесните личности не може да се сведат на монолитна дефиниција, туку во секој миг се мултиреферентни.”
На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков и директорката на Галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова.
Гордана Јаневска, Mакедонска сликарка, родена 1966 година, во Штип, живее во Скопје, Република Македонија. По завршувањето на гимназијата во Штип, студира на Технолошко-техничкиот факултет во Белград, дипломирала на Педагошkата Виша школа во Штип, а потоа и на Педагошкиот факултет. Во периодот од 2006 година работел со деца, а сега како актуелен директор во основно училиште во Скопје. Во 2013 година продолжува со Постдипломските студии во Скопје и се здобила со звање Магистер по политички науки и дипломатија. Се занимава со научна и хуманитарна работа, ги објавува своите книги. Преку својата работа активно учествува во бројни истражувачки активности за промоција на Република Македонија за одржување на традицијата и фолклорот. Освен што е посветена на науката, учењето и читањето, таа сака едноставни работи, вклучително и сликарството, за кое вели дека е најдобриот начин на изразување, како и одраз на реалноста, гледано од нејзина гледна точка – го црта светот како што го гледа и самата го доживува. Сликарството отсекогаш било љубов и страст. Уште во средно училиште црта со академскиот сликар Кирил Ефремов. Таа е препознатлива и успешна во својата работа. Уметноста и помага да ја изрази својата визија, гледајќи во иднината. Има освоено многу награди и пофалници низ презентирање во светот.