Skip to main content

Писателката Билјана Црвенковска се претставува на Саемот на книга во Лајпциг

Кире Галевски

На овогодинешното издание на саемот на книга во Лајпциг, кое се одржува од 27 до 30 март, писателката Билјана С. Црвенковска ќе се претстави со германското издание на нејзиниот роман „Девет приказни за госпоѓица Сит“ (Die neun Monde der Miss Sith).

Романот, кој излезе годинава во издание на германската издавачка куќа Мителдојчер ферлаг (Mitteldeutscher Verlag) од Хале, е во превод на Корнелија Маркс, славистка и македонистка која зад себе има сериозен број преводи на прозни и поетски дела од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина…

Црвенковска ќе учествува на неколку промотивни настани во рамки на саемот во Лајпциг. Во петок, на 28 март во 17 часот, во театарот „наТо“ (Die naTo), во рамки на фестивалот „Лајпциг чита“ (Leipzig Liest) ќе се одржи читачка промоција на романот, на која ќе учествуваат Црвенковска и преведувачката Корнелија Маркс. Настанот ќе го модерира уредницата Клара Штрубе.

Подоцна на 28 март, во 20 часот, во театарот „Лофт“ (Lofft) во Лајпциг, Црвенковска ќе учествува на настанот „ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА СЀ!“ (VORBEREITEN AUF ALLES!), вечерно книжевно шоу – патување низ приказните за истрајност, нови почетоци и потрага по слободата! Како се справувате со колапс на системот, војната, прогонството или искуствата на насилство кога се чини дека сѐ околу вас се распаѓа? За овие теми од нивните дела ќе разговараат авторите Билјана Црвенковска, Елса Ајдс, Тања Арчимович, Барби Марковиќ, Фарук Шехиќ, Светлана Лавочкина и Јанис Јо Митевс.

На 29 март, Црвенковска ќе биде гостин на штандот на Мителдојчер ферлаг на саемот во Лајпциг, каде што ќе потпишува книги во периодот од 14 до 15 часот.

Во рамки на посетата на Германија, на 27 март во 19 часот, Црвенковска се претстави и на настанот „Денови на литература“ организирани од страна на Градската библиотека во Магдебург, со промоција на романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ во женскиот центар „Храброст“.

Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ (Чудна шума, 2019) „е обмислен и внимателно структуриран роман. Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви. Тивкото чекорење на мачката – вистинска, замислена, симболична – но и нејзините ненадејни појавувања ги врзуваат во цврста композиција нишките од наративните месечеви мени и фуги. Во расказите се прикажани ситуации во кои сите протагонистки се наоѓаат на некаков крстопат, ситуација во која мора да донесат тешка одлука.“ (Калина Малеска, рецензентка).

Романот беше финалист за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година, а досега е преведен на три јазика: германски, украински и српски.

Поврзани вести