Skip to main content

„Фросина живее“: Интернационалниот институтот за мода „Изет Цури“ ќе ги отвори своите врати оддавајќи омаж на Фросина

Камелија Кулакова, фејсбук

Во деновите од четврток 27 Март до сабота 29 Март 2025 година, во периодот од 11 до 18 часот, Интернационалниот институтот за мода „Izet Curi“ ќе ги отвори своите врати оддавајќи омаж на Фросина, соопшти на социјалните мрежи мајката на Фросина Кулакова, студентка на овој Институт, која беше прегазена на Партизанска.

Но ова не се обични отворени денови. Ова се денови посветени на едно срце што сè уште чука преку скиците што ги остави, преку боите што ги избра, преку љубовта што ја всади во сè што допре.

Фросина Кулакова — мојата ќерка, мојата светлина, мојата гордост.

Таа не ја доживеа оваа ревија, но таа ја создаде. Ја сонуваше. Ја заслужи.

И денес, благодарение на нејзините прекрасни колеги и нејзините посветени професори, таа ќе биде таму.

Во секоја креација. Во секој бод. Во секое срце.

На грбот на една од нејзините креации беше испишано: „250ml Of Liquid Dream“ —

бранови и триаголници во безвременски балет.

Мантра. Потсетник да се прегрне убавината на контрастите,

и магијата на неочекуваното.

Како што јакната го најде своето место во изложбена сала,

таа стана повеќе од ткаенина и конец.

Стана светилник. Инспирација.

Жива приказна што секој ја чита на свој начин.

Нејзините дела беа нејзини мисли. Нејзините креации – нејзини сни.

А таа самата – уметност во движење.

Таа беше визија што дишеше.

Таа беше океан од соништа.

И сега, тие соништа живеат.

Со солзи во очите, но и со душа полна благодарност, сакам да кажам благодарам.

На секој студент што во нејзино име создаде нешто свое.

На секој професор што го зачува нејзиниот глас во својата работа.

На секој човек од Институтот што ја претвори таа болка во нешто возвишено.

Фросина ќе живее.

Не само во моето срце. Туку во делата што ги инспирира. Во иднината што ја отвори за другите.

Ве поканувам сите –

дојдете да ја почувствувате.

Да ја запознаете Фросина преку нејзината уметност.

Да видите колку едно девојче може да остави вечна трага.

Фросинче,

ова не е крај.

Ова е твоето вечно „Добредојдовте“.

ТЕ САКА МАМА

Поврзани вести