Skip to main content

Дискусија на тема: Чии се јавните простори? во КСП Центар -Јадро

Вечерва во КСП Центар – Јадро, со почеток во 19:00 часот, продолжува серијата настани Родот и градот. Овој пат тема на сискусија ќе бидат јавните простори – дали и колку ги сметаме за „наши“, дали се чувствуваме безбедно во нив (особено како жени и квир лица) и дали истите ни се достапни.

Живееме реалност во која сѐ повеќе се чувствуваме оттуѓени од јавните простори во градот. Секој ден се соочуваме со опасноста од сексуално вознемирување или насилство, што нѐ тера некои простори целосно да ги избегнуваме. Истото важи и за нашето присуство во сообраќајот. Но, го чувствуваме и недостатокот од културните места во градот, особено оние кои се бесплатни и достапни за користење за сите, без разлика на тоа колку средства имаме на располагање. Што нѐ носи до прашањето за градење заедници – достапноста на просторите е неминовно поврзана и со заедниците кои би можеле да ги создаваме и одржуваме низ нив.

На настанот, организацијата Реактор ќе има прилика да ја презентира својата платформа и апликација Реагирај посветена на безбедноста на жените во јавните простори.

Дискусијата ќе ја води aвторката и истражувачка Ивана Јовановска, а гостинки се културните работнички и активистки Јана Димитрова, Ивана Драгшиќ, Надица Банишка и Калина Дуковска.

Поврзани вести