
Претседателот на Собранието, Африм Гаши го назначи пратеникот на „Европскиот фронт“ Бејџан Илјас да ја води собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади откако оваа Комисија остана без претседател по оставката на Илире Даути. Назначувањето на Иљас беше прв обид на Гаши за деблокада на оваа Комисија, но заврши неуспешно откако пратеникот го извести дека денеска не е во можност да присуствува по што денешната седница беше одложена.
Илјас во изјава за МИА вели дека до претседателот на Собранието денеска доставил потпишано писмо во кое го известил спикерот Гаши дека не прифаќа да претседава со оваа Комисија, особено не со точка на чиј дневен ред ќе биде Предлог-законот за бранителите.
– Јас и „Европскиот фронт“ мислиме дека е направена голема неправда кон нашата колешка која беше претседателка на Комисијата. Партиите треба да седнат и да се доекипира Комисијата и на таков начин да се води расправа за законите, вели Иљас.