
Ирак денеска ќе го запре увозот на гас од Иран во согласност со условите наметнати од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, потег што го поздрави Стејт департментот.
Ирачката влада, наводно, сега ќе мора да најде алтернативен извор на гас, а некои пратеници изјавиле за медиумите дека алтернатива не постои.
Ирак дневно увезуваше 50 милиони кубни метри гас од Иран за напојување на електраните, пренесе Ашарак ал Авсат.
– Ја повикуваме ирачката влада да ја елиминира својата зависност од иранските енергетски извори што е можно поскоро и ја поздравуваме посветеноста на ирачкиот премиер на напорите да и помогне на земјата да постигне енергетска независност, рече портпаролката на Стејт департментот.
САД ја користат ревизијата на изземањето за да го зголемат притисокот врз Багдад да дозволи курдски извоз на сурова нафта преку Турција, според двајца извори запознаени со ова прашање.
Американската влада соопшти дека сака економски да го изолира Иран и да ги елиминира приходите на Техеран од извозот на нафта со цел да го забави развојот на нуклеарното оружје на Иран, а Трамп ја обнови својата политика на „максимален притисок“ врз Исламската Република.