
Американската администрација повеќе не размислува за потпишување на договор со Украина за ретки земни минерали и други суровини, потврди американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Невозможно е да се постигне економски договор без мировен договор. Основниот услов за секој економски договор е украинското раководство да сака мир, рече Бесент во интервју за телевизијата Си-би-ес. На прашањето дали сè уште е можен договор, тој одговори: „Во моментов не“.
Изјавата доаѓа по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон минатиот петок, каде што тој се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Средбата, која требаше да заврши со потпишување на договорот, заврши бурно, со повишени гласови пред насобраните новинари, а Трамп го обвини Зеленски дека покажува непочитување кон САД. Потпретседателот Џеј Ди Ванс се приклучи на критиките, посочувајќи дека Зеленски никогаш не ѝ се заблагодарил на Америка за нејзината досегашна помош за Украина.
По инцидентот, планираната заедничка прес-конференција беше откажана, а Трамп на својата мрежа Трут соушл објави дека Зеленски покажал непочитување и не е подготвен за мир.