Skip to main content

Муртезани: Во свет на растечка неизвесност, Европската унија има одговорност да дејствува не преку неодлучност, туку преку стратешка визија

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во Собранието на Република Македонија се обрати на 23-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија. Муртезани истакна дека подолго од две децении, овој Мешовит парламентарен комитет е столб на партнерството, кој го насочува нашиот дијалог и гарантира дека европската интеграција на Македонија останува стратешки приоритет.

Европа се наоѓа пред крстопат. Во свет на растечка неизвесност, Европската Унија има одговорност да дејствува не преку неодлучност, туку преку стратешка визија. Процесот на проширување не може да остане второстепено прашање кога всушност претставува клучна геополитичка неопходност. Западен Балкан не е засебен субјект; туку нераскинлив дел од иднината на Европа. Стабилен, демократски и интегриран регион го зајакнува европскиот проект и ја подобрува безбедноста, економскиот просперитет и глобалната конкурентност на целиот континент.“ – рече МЕП Муртезани.

Во продолжение е интегралното обраќање на МЕП Муртезани:

Постојат моменти во историјата кога патот на една нација се обликува не само од нејзината сопствена определба, туку и од изборот на нејзините партнери. Денес, се наоѓаме во таков момент. Не само за Македонија, туку и за Европа во целина. Прашањето кое се поставува, не е дали сме на иста страна. Тоа е одамна одлучено. Прашањето е дали имаме визија и храброст оваа заедничка иднина да ја преточиме во сегашност.

Подолго од две децении, овој Мешовит парламентарен комитет е столб на партнерството, кој го насочува нашиот дијалог и гарантира дека европската интеграција на Македонија останува стратешки приоритет. Денес, додека разговараме за клучните аспекти на нашиот процес на пристапување: владеење на правото, фундаментални права, добро управување, економска отпорност, регионална соработка, поврзаност и безбедност; мора да признаеме дека ова не се само реформи, туку инвестиции во посилна и пообединета Европа.

Европа се наоѓа пред крстопат. Во свет на растечка неизвесност, Европската Унија има одговорност да дејствува не преку неодлучност, туку преку стратешка визија. Процесот на проширување не може да остане второстепено прашање кога всушност претставува клучна геополитичка неопходност. Западен Балкан не е засебен субјект; туку нераскинлив дел од иднината на Европа. Стабилен, демократски и интегриран регион го зајакнува европскиот проект и ја подобрува безбедноста, економскиот просперитет и глобалната конкурентност на целиот континент. Геополитичките случувања во последните години, вклучително и руската инвазија врз Украина и пошироките глобални промени, само ја зајакнаа итноста од проширувањето како стратешки императив  за ЕУ.

Во текот на изминатите години, Македонија презеде клучни чекори во однос на нејзината европска интеграција, зајакнувањето на судската независност, унапредувањето на напорите за борба против корупцијата и усогласувањето на јавните финансии со стандардите на ЕУ, главно како резултат на континуираното спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Исто така, инвестиравме 1,3 милијарди евра во 22 инфраструктурни проекти за подобрување на поврзаноста и енергетската ефикасност и истовремено ја поддржувавме слободата и транспарентноста на медиумите. Дополнително, го завршивме скрининг-процесот и ги добивме Извештаите за кластер 1 – Фундаментални вредности, како и за кластерите 2, 3, 4 и 6, а кластер 5 се очекува наскоро. Освен тоа, нашата вклученост во Механизмот на ЕУ за владеење на правото ги зајакнува нашите реформски напори. Следниот клучен чекор е постепеното вклучување на земјите кандидатки во Европскиот семестар и во Системот на економско управување на ЕУ, што дополнително ќе ги зацврсти нашите реформи во рамките на ЕУ.

Планот за раст за Западен Балкан и нашата Реформска агенда за 2024-2027 година ја покажуваат нашата посветеност за натамошни реформи и интеграција. Ова е потврдено со Извештајот за напредокот на земјата за 2024 година од Европската комисија, објавен на 30 октомври 2024 година, кој дава објективна оцена за нашиот напредок, каде што истовремено се нагласуваат областите во кои е потребен дополнителен ангажман.

Реформската агенда за 2024-2027 година, заедно со Планот за раст за Западен Балкан, ја покажува нашата посветеност за натамошни реформи и интеграција. Резултат од заложбата е претстојниот Самит на лидерите од Западен Балкан, кој ќе се одржи во Скопје во втората половина на март и ќе биде клучен за унапредување на регионалната соработка и уверување дека нашите граѓани ќе ги почувствуваат придобивките од интеграцијата во ЕУ пред полноправното членство.

Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Македонија и Европската Унија е важен во поддршката на овие реформи, поддржувајќи континуиран напредок и унапредување на севкупниот квалитет на нашите напори за интеграција. Овие реформи не само што се во согласност со очекувањата на ЕУ, туку, исто така, водат до конкретни подобрувања за нашите граѓани. Нашиот процес на интеграција во ЕУ продолжува и ние ја препознаваме важноста на соработката со нашите партнери во Европскиот парламент, кои имаат значајна улога во обликувањето на иднината на регионот. Заедно, треба да работиме за да осигуриме дека процесот на проширување останува приоритет, дека напредокот е признаен и дека вратите се отвораат кога се исполнуваат условите.

Македонија е подготвена да придонесе за Европската Унија, не само како членка, туку и како активен учесник во зајакнувањето на самата Унија. Нашето место во Европа не е далечна цел, туку реалност што секојдневно ја градиме.

Да го искористиме овој момент, обединети во нашата заедничка посветеност кон посилна Европа. Да работиме заедно за да го завршиме овој процес на интеграција и да осигуриме дека нашата заедничка иднина се заснова врз соработка, визија и доверба.

Поврзани вести