
Министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани денеска одржа работен состанок со претставници на неколку министерства и граѓански организации од Црна Гора.
Делегацијата од Црна Гора со членови од министерствата за човекови и малцински права, за просторно планирање, урбанизам и државен имот, за внатрешни работи, за здравство, за социјална заштита, семејни прашања и демографија, Совет на Ромите, невладини организации и медиуми се во дводневна посета на земјава во организација на Совет на Европа.
Целта на посетата е размена на информации и искуства со ресорните министерства, институции и организации за добрите практики во Република Македонија во делот со вклучувањето на Ромите, имплементација на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030 и Националните Акциони Планови од приоритетните области.
На средбата министерот се осврна на политиките и проектите кои се реализираат во нашата држава, а се во насока на заштита и унапредување на правата на Ромите. Овие политики и проекти овозможуваат инклузија на децата Роми во предучилишното образование, поголема информираност на припадниците на ромската заедница преку Ромските Информативни Центри, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување на лични документи и привремено згрижување и социјална интеграција на бездомните лица сместени во прифатниот центар Визбегово.
Министерот Лимани изрази задоволство од денешната посета која овозможува подобрување на соработката помеѓу двете држави, а со цел унапредување на правата и можностите за нашите сограѓани Роми. Тој порача, дека Министерството останува отворено за сите прашања кои ќе имаат позитивно влијание за унапредување на состојбите во Црна Гора, како наша пријателска држава.