Skip to main content

Во Македонија има 9.900 лиценцирани лекари

Лекарска комора

Со доделување лиценци за работа на доктори на медицина, Лекарската комора одбележува 20 години од добивањето овластувања да организира полагање на стручен испит, да издава лиценци за работа и да акретитира настани од континуирана медицинска едукација.

Според регистерот на Комората, во моментот евидентирани биле 9.900 активни лиценци, но бројката се очекува да се зголеми со оглед на фактот дека деновиве се полага државен испит.

Лиценците, како што истакна претседателката на Комората проф. д-р Калина Гривчева Старделова, на лекарите им гарантира дека може да работат, а на пациентите дека докторите си го акредитираат и обновуваат знаењето со согласно законските регулативи.

Првото лиценцирање во нашата држава било одобрено во 2004 година и се прави во циклуси на секои седум години. Од првата до наредната треба да се има четири години работа со пациенти во континуитет и 20 бода годишно, значи дека тие доктори биле на некаква медицинска едукација. Годинава обновуваме лиценци на оние што почнале од први, на 1.500 лекари, појасни Калина Гривчева Старделова.

Но, покрај издадените лиценци, во изминатите 20 години, по судска одлука тројца лекари трајно останале без лиценци, а кај двајца биле привремено одземани. Најчеста причина за одземањето, според претседатлката на Лекарската комора, било поради утврдена лекарска грешка.

Важењето на лиценците, пак, како што наведе, им престанало на 3.384 лекари, по различни основи.

Да одземете на некого лиценца тоа значи дека неможе никогаш повеќе да работи. Мора да има добра причина за тоа, нашиот Закон кажува дека судската пресуда докажува дека настанале смртни последици од недобро работење на доктор и дека тој не треба да ја работи таа дејност. Постои опција и министер да побара одземање лиценца на доктор од оправдани причини за тоа. Кога добиваме судска пресуда или барање од министер ја свикуваме етичката комисија и она го проследува до судот во честа…, истакна Гривчева Старделова.

Во однос на тоа колку лекари ја напуштиле државата и колку се вратиле повторно назад, појасни дека во регистерот на Комората влегуваат само оние доктори кои положиле државен испит.

Тие имаат обврска да пријават промена на работно место, телефон, меил адреси, но за жал тие што не положиле државен испит не се во нашиот регистер (тоа се добар дел од колегите кои си одат од државата), немаат обврска да пријават дали одат за стално, рече Гривчева Старделова, нагласувајќи дека има и такви кои се враќаат повторно во државата но во помал број.

Поранешниот министер за здравство Владо Димов, кој бил потписник кога е основана Комората упати порака дека при донесување одлуки секогаш мора да се гледа напред.

Дека е правилна одлуката за основање на Лекарската комора покажува тоа што има таков развој оди напред се додаваат нови вредности. Таа била правилна, а не била лесна. Како и за секои новини што се донесуваат во државата секогаш имало отпори, но тоа е многу важно. Тоа е порака која сакам да ја пратам. Тој што ги донесува тие одлуки мора да гледа напред. Неможете секоја одлука да ви зависи од денешниот ден дали зависи од она што во моментот е важно. Одлуките треба да бидат за напред и ние не сме ги измислиле, треба да следиме од оние што претходно ги направиле и знаеме какви успешни општества изградиле и треба да се стремиме кон тоа, рече Димов.

Поврзани вести