
Д-р Елена Амбаркова Виларова е специјалист по трансфузиологија, директор за менаџмент на процеси и акредитација и дел од тимот за дигитализација во Клиничка болница „Жан Митрев”. Во ова интервју таа говори за сите нејзини ангажмани во клиниката, почнувајќи од тоа зошто е потребно да се акредитираат и реакредитираат медицинските установи со цел да се задржи квалитетот во работењето, до важноста од воведување на дигитализација во сите процеси од работењето.
Претходно медицински директор, а од минатата година сте именувани за директорка за менаџмент на процеси и акредитација во Клиниката Жан Митрев. Што значи оваа функција?
Д-р Амбаркова Виларова: Сѐ почнува и сѐ завршува со нашата главна определба „Пациентот е во центарот на нашето внимание” и сите процеси се поставуваат, развиваат и оптимизираат за прво, да се подобри квалитетот на здравствената услуга и второ, да се олесни и забрза работата на медицинските работници, да се скрати „празниот од” во текот на нивното работење и да се оптимизираат човечките и материјалните ресурси во дадените процеси. Ова е континуиран ангажман, затоа во суштина воспоставување на еден процес е условно кажано полесниот дел, а контролата дали тоа се спроведува по пропишаниот протокол е потешкиот и поважен дел, затоа што тоа директно влијае на континуираниот квалитет на медицинските услуги, а со тоа и на задоволството на пациентот.
Што значи акредитацијата за една болница?
Д-р Амбаркова Виларова: Нашата болница е акредитирана и реакредитирана со престижната JCI акредитација, но исто така и со македонската акредитација на здравствени установи. Акредитацијата всушност значи етаблирање на меѓународно прифатени правила и процеси во здравствената дејност и нивно континуирано спроведување од страна на целиот персонал, а сѐ со цел подигнување на квалитетот на медицинските услуги и безбедноста на пациентот, како и безбедноста на персоналот и болницата. Едно е самите да мислиме дека сме најдобри, но само евалуацијата од релевантни институции може всушност да го потврди тоа. Мислам дека сите здравствени установи во Македонија би требало да се акредитираат, македонската акредитација е солидна, а понатаму и континуирано да се реакредитираат. Според мое мислење, овој процес е важен дел од унапредувањето на квалитетот на здравствените услуги во Македонија, но уште поважно, од причина што реакредитациите се на секои 3 години за да се одржува истиот.

Клиниката Жан Митрев е првата целосно дигитализирана болница во регионот. Koja е Вашата улога во тимот за дигитализација во Клиничка болница „Жан Митрев”?
Д-р Амбаркова Виларова: Да, ние сме прва целосно дигитализирана болница во регионов, а јас сум медицинската поддршка во тимот за дигитализација. Ние имаме сопствен медицински болнички информациски систем (HIS) кој самите го креиравме согласно нашите процеси на работа. Покрај медицинскиот софтвер имаме и софтвери за материјално и сметководствено работење, софтвер за правни работи и човечки ресурси, софтвер за ресторантско работење и сите тие се интегрирани со HIS. Mојата улога е да им ги условно кажано “дообјаснам” процесите на IT инженерите за да можат тие да ги трансформираат од аналогни во дигитални, да ги тестирам и да понудам конкретни решенија за оптимизација на истите. Во креирањето на HIS беа вклучени сите медицински профили, а сѐ со цел да се олесни транзицијата и прифаќањето на дигитализацијата од страна на персоналот, што всушност е и најтешкиот дел од процесот.
Како лекар клинички трансфузиолог, кој е Вашиот секојдневен ангажман во болницата?
Д-р Амбаркова Виларова: Примарната дејност на еден трансфузиолог е навремено обезбедување на крв и крвни компоненти за секој пациент. Крвта е ограничен ресурс од хумано потекло што може да спаси живот, но трансфузија на истата може да предизвика и низа на несакани ефекти кои сериозно може да го загрозат здравјето на пациентот. Затоа, рационалната употреба на крв од секогаш била главна определба на болницата. Тука е и секојдневниот ангажман во амбулантата за дијагностицирање и третман на тромботични и хеморагични заболувања, како и дијагностика на венската слабост (проширени вени), кои понатаму ги третираат хирурзите. Тромбемболиските заболувања се потенцијално животозагрозувачки состојби и можат да предизвикаат сериозни компликации кај оперираните и тешко болните пациенти. Затоа, навремената дијагноза и терапија, но и превенцијата на венскиот тромебмболизам е многу важна, особено што денес медицината со модерни дијагностички процедури и лекови го овозможува тоа .