Skip to main content

Кремљ позитивно го оцени дијалогот Путин-Трамп

Кремљ денеска ги оцени како ветувачки разговорите меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, во време кога Москва и Вашингтон најавуваат организација на самит меѓу двајцата лидери.

Се одржа дијалог меѓу двајца навистина исклучителни претседатели. Тоа ветува. Важно е ништо да не го наруши спроведувањето на нивната политичка волја, изјави за руската телевизија портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, одговарајќи на новинарско прашање за цврстината на САД кон Киев и непријателските изјави на Трамп кон украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трамп оцени дека Украина е одговорна за почетокот на конфликтот, ги почна американско-руските разговори без украинско или европско учество, а неговиот украински колега Зеленски го нарече диктатор. Американскиот претседател вчера изјави дека сака Америка да ја врати помошта дадена на Украина за време на изминатите три години од војната, со тоа што САД ќе добијат пристап до украинските минерални ресурси, пренесе Бета.

Коментирајќи ја промената на американската позиција, Песков изрази задоволство и ја опиша непријателската реакција на Трамп кон Зеленски како „сосема разбирлива“.

Зеленски даваше неточни изјави околу шефовите на држави. Тоа го направи повеќе пати. Ниту еден претседател не би толерирал таков третман … затоа таа реакција е сосема разбирлива, рече Песков.

Реагирајќи на обвинувањата на Трамп против Украина дека таа и е одговорна за почетокот на конфликтот со Русија, Зеленски изјави дека американскиот претседател живее во „сфера на руски дезинформации“.

Песков рече дека Русија „никогаш нема да ги продаде“ териториите што моментално ги окупира, што се околу 20 отсто од територијата на Украина, што укажува дека Москва не е подготвена да направи никакви компромиси околу тоа.

Поврзани вести