Во текот на петта недела од 2025 година, од 27 јануари до 2 февруари, пријавени се 3.036 случаи на групни пријави за заболени од грип и слични заболувања. Евидентирани се два смртни случаи асоцирани со грип. Во Ресен, Кавадарци, Кратово, Свети Николе и во Струмица има многу висока активност на вирусот на грип, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Пријавените 3.036 случаи се за 61,7 проценти повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петта недела од минатата сезона, е зголемен за 83,7 отсто. Во споредба со бројот за петта недела од типичната епидемиска крива – моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 35,4 проценти.
Од новите случаи, во однос на возрасната дистрибуција, 1.650 лица се на возраст од 15 до 64 години. Деца на возраст од пет до 14 години се 720, а 412 се до четири години. Вирусот е регистриран кај 254 лица на возраст над 65 години.
Заболените се пријавени од 29 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје – 978, Кавадарци – 327, Струмица – 320, Куманово – 168, Охрид – 156, Битола – 143, Штип – 103, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто. Во четири извештајни единици што пријавиле случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во шест – сезонска, во девет – средна, во пет – висока, а во Ресен, Кавадарци, Кратово, Свети Николе, Струмица – многу висока активност на вирусот на грип, покажуваат податоците на ИЈЗ.
Во текот на оваа недела, пријавени се два смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 59 до 77 години од Скопје и Свети Николе, кои биле хоспитализирано во КИБФС и КБ – Штип.
Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09 и Influenza A – несубтипизиран, појаснуваат од ИЈЗ.
Од сентинел местата што учествуваат, во петта недела пријавени се вкупно 73 САРИ случаи, од сентинел САРИ местата во Скопје – УК за детски болести и УК за респираторни заболувања кај деца – Козле и Штип. Најголем број на САРИ случаи се пријавени од Клиниката за детски болести – Скопје. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број на САРИ случаи се пријавени од возрасната група до четири години.
Во оваа недела, вкупен број на приеми во сентинел местата е 183, а едно дете од Клиника за детски болести е примено на интензивна нега. Од сите приеми, 39,9 отсто се должат на САРИ. Најголемо оптоварување се бележи кај возрасната група од 15 до 29 години, информираат од ИЈЗ.
Во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грипот изнесува 8.734, според податоците на ИЈЗ.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 0,8 отсто, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 11,9 проценти.
Од Институтот потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од грипот. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО: постарите лица – над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени, здравствени работници.
Заклучно со петта недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.373 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.