![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/12/zlatko_perinski1.jpg)
Министерството за локална самоуправа започнува со теренските посети во општините насловени „Каде што срцето е дома“ со цел размена на искуства, предлози и идеи со градоначалниците, советниците и граѓанскиот сектор. Овие посети имаат за цел мапирање на предизвиците со кои се соочуваат општините и изнаоѓање на соодветни решенија за нивен напредок.
Како што информираше на денешниот брифинг со новинари министерот за локална самоуправа, Златко Перински, посетите ќе се одвиваат во три фази, односно средби со градоначалникот и членовите на Советот во општината, средби со невладини организации, бизнис сектор, културни и спортски работници и заинтересирани граѓани и теренски увид на проекти финансирани со пари од централниот буџет.
Првата посета ќе се одржи утре во Општина Аеродром, а в сабота ќе следат средби со граѓанскиот, невладиниот и бизнис секторот во ОУ „Љубен Лапе“. В недела, заедно со премиерот, ќе се изврши увид на проект зад ТЦ Капитол Мол, вреден скоро 46 милиони денари.
Следната општина на агендата е Гази Баба, каде што посетите ќе започнат на 14-ти февруари. Планирани се и посети на општините Ѓорче Петров, Чаир, како и на други општини надвор од Скопје, вклучувајќи ги Кочани, Охрид, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип и Прилеп.
На денешниот настан по повод промоција на иницијативата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека процесот што го координира Министерството за локална самоуправа ќе се одвива транспарентно со цел граѓаните одблиску да се запознаат со активностите
Периодот што следи ќе биде динамичен, интересен, полн со многу проекти нешто коешто го бараат граѓаните, нешто коешто на нив ќе им е потребно така што ве повикувам да не следите, мислам дека добро е овој процес да поминува транспарентно и добро е одблиску граѓаните да го дознаваат она што ќе го работиме како Влада преку соодветните министерства, нормално целиот овој процес го координира Министерството за локална самоуправа, подвлече премиерот Мицкоски.
Според министерот Перински, токму преку непосредниот контакт и градењето на партнерство помеѓу власта и граѓаните, ќе се најдат механизми и соодветни решенија за препреките со кои се соочуваат општините.
Тој дополни дека дел од целите на посетите се и придонес во актуелната фаза на измени на Законот за локална самоуправа, увид во реализацијата на тековните проекти од првиот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурните проекти, надминување на евентуални нејаснотии во пресрет на вториот јавен повик, вклучувајќи го целиот процес од добивање на проектот до отпочнување со работа и превенирање на можни деструктивни појави од страна на одредени градоначалници во изборна година.
Претходно, министерот информираше дека следната недела ќе биде објавен втор повик со кој ќе бидат поддржани капитални инфраструктурни проекти на општините, откако Владата денеска на седница ја почна постапката за повикот со којшто ќе бидат на располагање средства во износ до 15 милијарди денари.
На претходниот повик, потсети тој, 78 општини добија 288 проекти со вкупна вредност од над 73 милиони евра, а преку Министерството за транспорт беа доделени 800 милиони денари за финансирање на посебна програма за помош на општините.