Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ги поддржи напорите за трајно преселување на Палестинците од Појасот Газа во места каде што ќе можат да живеат без страв од насилство.
Поздравувајќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, првиот странски лидер кој го посети Трамп откако тој ја презеде функцијата минатиот месец, американскиот претседател рече дека тој и неговиот тим разговарале за можноста за преселување на Палестинците во земји како Јордан, Египет и други држави во регионот.
Американскиот претседател рече дека би сакал да види договор за „трајно преселување на луѓето во убави домови каде што ќе можат да бидат среќни и да не бидат застрелани, да не бидат убиени“.
Трамп, исто така, рече дека САД „ќе воспостават контрола над разурнатиот од војна Појас Газа“ откако Палестинците ќе бидат преселени на друго место и ќе го развијат економски – потег што ќе ја промени повеќедецениската политика на Вашингтон кон израелско-палестинскиот конфликт.
Американскиот претседател го претстави својот изненадувачки план без да даде детали на заедничката прес-конференција по неговата вчерашна средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Изјавата доаѓа по шокантниот предлог на Трамп претходно вчера за трајно преселување на Палестинците од Појасот Газа во соседни земји, нарекувајќи ја енклавата, „разурнато место“.
САД ќе воспостават контрола над Појасот Газа и ние исто така ќе постигнеме нешто. Ние ќе управуваме со тоа и ќе бидеме одговорни за уништување на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје во област. Ако е потребно – и ќе го направиме тоа, ќе воспоставиме контрола врз ова парче земја, ќе го развиеме, ќе создадеме илјадници и илјадници работни места и тоа ќе биде нешто со што целиот Блиски Исток може да биде многу горд, додаде Трамп.
На прашањето кој ќе живее таму, Трамп рече дека тоа би можело да стане дом на „луѓето од светот“ и дека може да стане „најпопуларната ривиера на Блискиот Исток“.
Нетанјаху, чија војска е ангажирана во жестоки борби со милитантите на Хамас во Појасот Газа повеќе од една година, како одговор рече дека неговиот домаќин „размислува надвор од рамката и има свежи идеи“, демонстрирајќи „подготвеност да го пробие конвенционалното размислување“.
Трамп не одговори директно на прашањето како и со кои права САД би можеле да заземат земјиште во Појасот Газа и да воспостават контрола врз него на долг рок.
Американскиот претседател, исто така, рече дека планира да ги посети Појасот Газа, Израел и Саудиска Арабија за време на посета на Блискиот Исток. Трамп не прецизираше кога планира да направи такво патување.