Skip to main content

Едукацијата за борба против насилството треба да почне уште во основното образование

МИА

Заборавете на гневот, заборавете на лошите зборови, напротив уживајте во играта, почитувајте го противникот. Насилството сите не боли. Навредливо е. Незамисливо е, меѓутоа тоа е сложен феномен, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на панелот на тема „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“ што денеска се одржа во Битола.

Пред членовите на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, воедно организатор и домаќин на панел дискусијата, претседателката Сиљановска-Давкоа порача дека едукацијата за борба против насилството треба да почне уште од основно образование.

Ако легитимирате употреба на сила, а некои под наводници јунаци, добијат важен општествен статус, и ако некој се восхитува од лошите зборови или од примената на сила, што е сосема погрешно, тогаш пораката е лоша. Затоа ние мораме уште во основно училиште, а можеби и во детските градинки да почнеме да ги учиме децата за ненасилство, да ги учиме за тоа дека зборот боли. Секогаш кога ќе се соочите со насилство и кога ќе го прашате оној што е жртва на насилство ќе ви каже дека на тоа му претходело насилство со зборови. Не смееме тоа да го толерираме и затоа треба уште во основно образование, и во гимназија треба да знаеме дека многу тешки работи можат да се кажат со зборови – нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.

На интерактивниот панел во битолскиот Офицерски дом што се одржа во рамки на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер плеј“, учествуваше и градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, кој ги издвои инвестициите во локалната самоуправа за развој на спортот.

Спортот ги поврзува луѓето, спортот ги зближува сите без разлика на вера и нација или економски статус. Спортот поврзува на терен и трибина. Затоа ние како локална самоуправа и со поддршка на Владата преку Министерството за спорт ги обновивме сите училишни и спортски терени во градот, а изградивме и спортски сали за младите да спортуваат и рекреираат – истакна Коњановски.

На денешната панел дискусија во Битола беше презентиран и документарен филм на кој беше нагласена социјалната инклузија на младите со помалку можности, активното учество на младите во процесите на донесување одлуки и други погледи во прилог на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“.

Поврзани вести