Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции, изјави министерката Весна Јаневска во врска со реакцијата на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ на зголемените трошоци при упис на семестар на некои факултети и нивното барање да имаат средба со министерката.
Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска изјави дека очекува и студентите, и факултетите, да имаат разбирање за ситуацијата и дека може да се дојде до договор. За барањето средба со неа од УСС на УКИМ, таа рече дека МОН со студентската организација има континуирана соработка и постојани средби.
Тоа не сум лично јас, тоа се секторите и службите од Министерството. Веќе сме информирани за тоа што студентите го бараат. Секако дека постои можност да дојдеме до договор. Сметам дека факултетите, но и студентите, ќе имаат разбирање за целокупната ситуација. Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции. Но, обврска наша е да помагаме и на едните и другите, сепак за развој на образованието и науката, рече Јаневска, која денеска присуствуваше на отворање на ЕДИХ – прв европски дигитален иновациски хаб во државава.
Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) смета дека воведувањето дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси на некои факултети не треба да бидат на товар на студентите. Во соопштение УСС наведе дека ќе се бара итен состанок со министерката за образование и наука Весна Јаневска, „со цел во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од државниот буџет, како што е предвидено согласно Законот“.
-Според член 123, став 5 од Законот за високо образование „(5) тековните трошоци – комунални трошоци, одржување, опрема и потрошен материјал за реализација на студиските програми и за работењето на високообразовната установа – на јавните високообразовни установи во целост се надоместуваат од Буџетот на Република Македонија, соопшти Универзитетското студентско собрание при УКИМ.