
Целосното и навремено членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е значајно за безбедноста, стабилноста и економскиот развој на регионот, а процесот на пристапување треба повторно да се заснова врз објективни, предвидливи критериуми и врз постигнатите реформи. Тоа е посочено во заедничката декларација усвоена на денешниот состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони одржан во Охрид.
Лидерите во заедничката изјава ја потврдија целосната поддршка за европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, оценувајќи дека проширувањето носи придобивки и за Европската Унија и сè повеќе се препознава како геополитичка неопходност.
Во документот се нагласува дека напредокот на секоја земја кандидат треба да се оценува според утврдените критериуми и нејзините поединечни постигнувања во спроведувањето на реформите. Притоа, се посочува дека обврските што произлегуваат од правото на ЕУ и меѓународните договори мора да се почитуваат и ефективно да се спроведуваат, особено во областа на владеењето на правото, а одлуките за натамошниот пристапен процес да се водат од овие начела и Копенхашките критериуми.
Лидерите го истакнуваат и значењето на Планот за раст на ЕУ како инструмент за економска интеграција и поддршка на реформите, повикувајќи ги земјите кандидати целосно да ги искористат достапните средства.
Посебен акцент е ставен на забрзувањето на инвестициите во одржлива транспортна, енергетска и дигитална инфраструктура, со цел подобро поврзување на регионот меѓу себе и со ЕУ. Во изјавата се наведува дека земјите од Западен Балкан не треба да се третираат како трети земји, туку како составен дел од европските инфраструктурни мрежи, економската интеграција и идниот развој.
Во завршниот дел од заедничката изјава се посочува и потребата од поголемо вклучување на младите во Процесот Брдо-Бриони, како и поголемо внимание на прашањата што ги засегаат. Лидерите ја поздравуваат соработката меѓу директорите на агенциите за вработување и оценуваат дека таа има потенцијал за натамошно унапредување

Македонски



