
Деновиве, во издание на Книгоиздателството Ми-Ан, од печат излезе „Традицијата, меморијата и јазикот: севда голема кон созданијата од тетовската калдрма“ од Марина Спасовска и Марина Даниловска. Во овој зборник на научни трудови на авторките, на високо академско ниво, разработена е историјата на тетовскиот крај, вградена во имињата, топонимите, празниците и песните, од лингвистички, литературен и културолошки аспект.
Книгата содржи тринаесет текста, од кои најголемиот дел се реферирани на меѓународни научни конференции и се објавени во нивните зборници. Во нив авторките различни теми. На пример, се анализираат антропонимите кај населението во тетовскиот крај, потоа именувањата на роднинските односи по крвно сродство, па на оние што произлегуваат од сродството по брак, како и турските лексеми застапени во 285 тетовски народни песни (собрани од Тихомир Крстовски-Томе). Истовремено, авторките ја разоткриваат и „приказната“ што се крие зад неколку познати народни песни од овој крај. Во фокусот на нивните истражувања се и неколку онимиски фразеолошки изрази што им се познати на жителите на Тетово и на околината, а разработуваат и голем број лексички дијалектизми од областа облека и обувки, исто така, карактеристични за овој крај. Посебно внимание им е посветено на обредите и обичаите поврзани со одбележување на многу празнувања (особено на календарно-обредните) негувани од народот што живее/л под падините на Шар Планина.
Неоспорен факт е дека македонските дијалекти претставуваат непресушен извор на нови сознанија не само за славистиката и за балканистиката туку и за општата лингвистика, па затоа цел на изданието е да се сочува материјал кој сведочи за богатата културна традиција на Тетовско и Полог, а со тоа и да се зачува од заборав ова лексичко, фолклорно и културно богатство карактеристично за говорителите од тетовскиот крај.
Промоцијата на книгата ќе биде на 2 декември, со почеток во 19.00 часот, во Домот на АРМ во Тетово. За книгата ќе говори проф. д-р Веселинка Лабвроска, дописен член на МАНУ.

Македонски



