Skip to main content

Македонија бара 10 отсто повеќе од европскиот пакет од 750 милиони евра – Мицкоски разговараше со врвот на ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествува на самитот на Европската Унија посветен на земјите од Западен Балкан, каде што во фокусот се иднината на регионот, соработката и заедничките предизвици.

Во рамки на посетата, Мицкоски остварил и работен состанок со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Како што информира премиерот, на средбата се разговарало за процесот на проширување на Европската Унија, реформската агенда, Планот за раст, како и за реформите што досега ги реализирала Македонија и придобивките од нив.

Мицкоски посочува дека државата продолжува со спроведување на проектите предвидени во реформската агенда и очекува повторно да биде меѓу најуспешните во нивната реализација.

Една од темите на разговорите било и дополнувањето на финансискиот пакет во рамки на реформската агенда. Според најавата на премиерот, Македонија очекува зголемување од 10 проценти на веќе одобрениот пакет од 750 милиони евра.

Во својата објава Мицкоски истакнува дека ваквите средби се важна можност за градење доверба, зајакнување на партнерствата и унапредување на меѓународната соработка, нагласувајќи дека Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог и активното учество во процесите што ја обликуваат заедничката европска иднина.

Поврзани вести