
Новата театарска претстава „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски и во режија на Слободан Унковски, премиерно ќе биде изведена на 27 ноември на сцената на МНТ. Претпремиерата е закажана за 26 ноември, а претставата ќе биде на репертоарот и на 1, 4 и 29 декември, беше соопштено на денешната прес-конференција.
Дуковски меѓу другото истакна дека ја посветува на својот професор Горан Стефановски од кого, како што рече многу научил. Во март годинава, „Црно злато“ имаше праизведба во Белградското драмско позориште, во режија на Оливер Фрљиќ. За Унковски ова е враќање на сцената на МНТ и нагласи дека „Црно злато“ не е фолклорна претстава, ниту е натопена во македонско милје, туку претставува динамична и енергична анализа на личниот идентитет.
Во претставата настапуваат Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет. Актерот Јовица Михајловски, рече дека ова е најдобриот текст на Дуковски досега, актерката Камка Тоциновски рече дека е речиси единствената што го наоѓа својот идентитет, а костимографот Александар Ношпал се осврна на решенијата на костимите кои симболично ја пренесуваат пораката.
Сценографијата ја изработи Бранко Хојник, костимограф е Александар Ношпал, а музиката е на Златко Ориѓански. Асистентка на режија е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот е Мартин Манев, додека на костимографот Никола Булески.

Македонски




