
По повеќегодишно реновирање, популарниот виенски музеј „Сиси“ повторно ги отвори вратите за посетителите, нудејќи нови приказни за животот на австриската царица Елизабета (1837 – 1898), позната како Сиси. Музејот, воедно нуди можност да се видат предмети кои за првпат ќе бидат изложени пред јавноста.
Штотуку реновираниот музеј се наоѓа во Хофбург, поранешната царска палата на хабсбуршката династија. Меѓу изложените предмети е и пијано украсено со златни украси и фигури на ангели, изработено специјално за царицата.
Од музејот соопштија дека посетителите на изложбата можат да ја дознаат и трагичната животна приказна на царицата Сиси. Освен бројните парчиња облека што ѝ припаѓале на аристократката позната по својата љубов кон модата и спортот, посетителите отсега ќе можат да го видат и обновениот црн плашт украсен со пердуви од чапја, со кој била покриена царицата додека умирала, по атентатот извршен во Женева.
Изложбениот простор бил проширен и со поранешните царски одаи кои дотогаш биле користени како како канцелариски простории. Во една од просториите украсена со златни детали и уредена во разигран рококо-стил, е претставен семејниот живот на царицата. На изложбата се наоѓа и портретот на нејзината ќерка Софија кој сведочи за нејзината прерана смрт.
Обожавателите на царицата родена во германската покраина Баварија, ќе имаат можност и виртуелно да се најдат во нејзина улога преку дигитална содржина што ќе им овозможува да пробуваат историски фустани.
Дел од изложбата е посветен на митот за Сиси кој во последните години стана популарен благодарение на телевизиските серии емитувани од германската телевизија РТЛ, како и прикажувањата на платформата „Нетфликс“. Првите два филма од серијалот „Сиси“, од 50-тите години ќе се емитуваат на 25 декември во рамки на традиционалната германска божиќна телевизиска програма.
Музејот лани го посетиле околу 927.000 луѓе.

Македонски




