
Унгарија се согласила да ги повлече приговорите за отворање на последните два преговарачки кластера со Украина, потврдиле дипломатски извори. Со тоа се отвора можност Киев и Кишињев pо долгогодишната блокада на Будимпешта, да ги започнат преговорите за сите поглавја од членството во Европската Унија, објави „Еуроњуз“.
Според два дипломатски извора, Унгарија планира да се откаже од ветото на состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ. Намерата ја најавил Андраш Биро-Наѓ, државен секретар за прашања на ЕУ, за време на дебатата за проширувањето во Брисел.
Будимпешта долго време ја блокираше кандидатурата на Украина, со што го забавуваше и напредокот на Молдавија, чиј пристапен процес беше поврзан со украинскиот. Промената на ставот доаѓа откако Петер Маѓар ја презеде власта од Виктор Орбан, кој 16 години беше на чело на унгарската влада.
Првиот преговарачки кластер беше отворен во јуни, вториот во јули, а следните два во октомври. Минатиот месец, Киев и Будимпешта постигнаа договор за правата на унгарското малцинство во западна Украина, кој потоа беше усвоен во украинскиот парламент. Иако унгарската влада најави подготвеност за следниот чекор, отворањето на последните два кластера беше одложено за неколку недели.
Маѓар и украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 октомври ја одржаа првата билатерална средба во Брисел, на маргините на самитот на Европскиот совет, што претставуваше дополнителен чекор кон подобрување на односите меѓу двете соседни земји.
Меѓу кластерите што треба да се отворат се и чувствителни области како животната средина и земјоделството. Токму земјоделството ќе биде особено голем предизвик за Украина. Европската комисија, под притисок на земји како Полска и Франција, предложи ограничувања за пристапот на одредени украински земјоделски производи до европскиот пазар и фондовите на ЕУ.
Украинскиот премиер Сергеј Коретски порача дека Киев не може да прифати трајно исклучување на украинските земјоделци од европскиот пазар и нагласи дека евентуалните ограничувања мора да бидат привремени и пропорционални.
Отворањето на преговарачките кластери е само почеток на пристапниот процес. Кандидатките потоа треба да ги усогласат своите закони и практики со европските правила, а земјите членки на ЕУ и во понатамошните фази имаат повеќе од сто можности да стават вето и да го блокираат напредокот.

Македонски




