Skip to main content

Од денес потешко до кредити во ЕУ

Граѓаните во Европската Унија од денеска треба да добијат поголема контрола при купување производи на рати и земање брзи кредити. Со новата европска Директива за потрошувачки кредити, кредиторите ќе мора да ја проверуваат финансиската способност на потрошувачите за отплата на кредитите, вклучително и за износи помали од 200 евра.

Новите правила ги опфаќаат и одредени бескаматни кредити, краткорочни заеми и услугите „купи сега, плати подоцна“, преку кои граѓаните можат веднаш да добијат производ, а неговата цена да ја платат подоцна.

Пред одобрувањето на кредитот, кредиторите ќе треба да ги земат предвид приходите, расходите, постојните долгови и другите финансиски обврски на потрошувачот. Проверките ќе бидат пропорционални на износот, времетраењето и ризикот на кредитот, кој ќе може да биде одобрен доколку разумно се очекува дека потрошувачот ќе може да го отплати.

„Денес кредитите може да се земат со неколку кликања, но финансиската обврска трае со месеци или години“, изјави Маријана Кинел, член на извршниот одбор на австрискиот Орган за надзор на финансискиот пазар, во соопштението од 18 ноември.

Купувањето на рати без камата, сепак, нема да биде укинато. Директивата предвидува исклучок кога трговецот директно овозможува одложено плаќање, без кредит од трета страна, без камати и дополнителни трошоци, освен законски ограничени надоместоци за доцнење, а целосната исплата се врши во рок од 50 дена од испораката. Кај одредени големи интернет-трговци овој рок изнесува 14 дена, при што трета страна не смее ниту да го одобрува ниту да го откупува кредитот.
„Целта не е ограничување на достапноста на кредитите, туку обезбедување одговорно кредитирање и спречување прекумерно задолжување на потрошувачите“, соопшти Министерството за финансии на Хрватска на 16 ноември.

Кредиторите ќе бидат обврзани пред склучувањето на договорот да ги информираат потрошувачите за каматите, надоместоците, вкупниот износ што треба да го вратат и условите за отплата. Земјите членки ќе треба да обезбедат и мерки за спречување прекумерно високи камати и трошоци за кредитирање.

При процената на кредитоспособноста нема да смеат да се користат податоци од социјалните мрежи. Доколку процената се врши автоматски, потрошувачите ќе имаат право да побараат образложение и преиспитување на одлуката од страна на човек. Доколку барањето за кредит биде одбиено, кредиторот ќе мора без одлагање да го извести потрошувачот.

Предвидена е и забрана за одобрување кредити без претходно барање и изречна согласност на потрошувачот. Граѓаните ќе имаат право да се повлечат од кредитниот договор во рок од 14 календарски дена, без да наведат причина, а за оние што се соочуваат со финансиски тешкотии се предвидуваат мерки за олеснување на отплатата и советување за долговите.

Директивата, по правило, ги опфаќа потрошувачките кредити до 100.000 евра, со одредени законски исклучоци. За кредитните договори склучени пред денешниот датум, во најголем дел ќе продолжат да важат претходните правила до нивното истекување.

Иако 20 ноември 2026 година е утврдениот датум за почеток на примената на директивата, не сите земји членки го завршиле усогласувањето на националното законодавство. Европската комисија на 1 октомври испратила образложени мислења до 16 земји членки поради непријавено целосно усогласување.

Поврзани вести