
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс денеска го откажа планираното учество на собирот DealBook на „Њујорк тајмс“ во Њујорк, откако било побарано да остане во Вашингтон поради низа големи технички нарушувања што ги погодија американскиот авиосообраќај, банкарскиот сектор, комуникациите и државните системи.
Основачот на собирот DealBook Ендру Рос Соркин соопшти дека Венс го откажал доаѓањето само 20 до 30 минути пред планираното појавување, бидејќи морал да присуствува на состаноци во Вашингтон по повод техничките проблеми, пренесува „Њузвик“.
Само еден ден претходно, Венс во интервју за телевизијата „Фокс њуз“ се обиде да ја смири јавноста, наведувајќи дека американската администрација не гледа индиции за непосредна криза, но дека државата мора да биде подготвена за сите сценарија.
Американците во последните денови се соочија со проблеми во работата на сервисите на Мајкрософт, банкарските трансакции, авиокомпаниите и системите за контрола на летање, поради што на 13 ноември беше воведен привремен прекин на авиосообраќајот на национално ниво. Нарушување беше регистрирано и во мрежата на американската Агенција за национална безбедност (НСА).
Висок функционер на администрацијата на Трамп изјави дека постои уверување оти нарушувањата се последица на одвоени настани вклучувајќи ажурирања на софтвер, технички дефекти и проблеми со хардверот, а не на координирана операција.
Проблемите почнаа на 12 ноември со голем прекин во работата на сервисите на Мајкрософт, вклучувајќи ги Outlook и Teams. Еден ден подоцна, Федералната управа за авијација (ФАА) нареди прекин на авиосообраќајот ширум земјата поради проблеми во системите за контрола на летање. Прекинот траеше подолго од четири часа и предизвика илјадници доцнења и откажувања на летови.
Потоа, технички проблеми пријавија и банката „Џеј-Пи Морган Чејс“, авиокомпанијата „Јунајтед ерлајнс“, компанијата „Епл“ и „НСА“. Секоја од овие институции понуди посебно објаснување за настанатите проблеми, вклучувајќи софтверски грешки, интерни ажурирања и редовно одржување на системите.
Директорот на Националната разузнавачка служба Џеј Клејтон изјави дека анализата на инцидентите покажала оти не станува збор за кибернапад ниту за координирана операција на некоја странска држава.
Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека низата настани е загрижувачка, но дека нема никакви докази оти тие се поврзани со дејствување на злонамерни актери.
ФАА покрена официјална истрага за нарушувањето во авиосообраќајот, а во испитувањето се вклучи и ФБИ. Прелиминарните наоди укажуваат на прекумерен мрежен сообраќај во објектите во американските сојузни држави Тексас и Арканзас, каде што компанијата L3Harris работела на модернизација на системите и инсталација на нов рутер.
Истражителите испитуваат дали проблемот настанал поради неисправна опрема, грешка при инсталацијата или погрешна конфигурација на системот. Американскиот министер за сообраќај Шон Дафи изјави дека се истражува одговорноста на компанијата L3Harris и вети дека одговорните ќе сносат последици кога ќе биде утврдена причината.
Претседателот на САД Доналд Трамп, претходно го минимизираше значењето на техничките проблеми, наведувајќи дека „такви работи се случуваат кога организациите ќе станат големи и моќни“. (МИА)

Македонски



