Skip to main content

Николоски бара истрага за Пендаровски: Дали непотпишувањето на Законот за игри на среќа е поврзано со изградбата на зграда во Влае на екс директорот на АНБ?

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски отвори прашање за можна поврзаност меѓу одлуката на поранешниот претседател Стево Пендаровски да не го потпише Законот за игри на среќа, донесен од претходниот парламентарен состав, и изградбата на зграда во скопската населба Влае, поврзана со тогашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.

Николоски побара Обвинителството, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање да ја испитаат евентуалната поврзаност и, како што рече, да утврдат каде води трагата на парите.

„Дали тоа што поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски не го потпиша Законот за игри на среќа, кој го донесе претходниот парламентарен состав, можеби е поврзано со изградбата на зграда во Влае на неговиот директор на Агенцијата за разузнавање? Односно, дали едното и другото се поврзани и каде води трагата на парите? Ги повикувам и Обвинителството, и Финансиската полиција, и Управата за финансиско разузнавање да постапат во однос на оваа работа“, изјави Николоски.

Тој не презентираше дополнителни детали или докази за евентуалната поврзаност, туку побара надлежните институции да ги испитаат околностите.

Поврзани вести