Skip to main content

Над милијарда луѓе живеат со дебелина

Фрипик

Светската здравствена организација денес, 18 ноември, ќе го претстави Глобалниот повик за акција за дебелината, со кој се бара забрзување на превенцијата и справувањето со овој здравствен предизвик до 2030 година. Онлајн-настанот е најавен за 16:30–17:45 по Скопје, стои во најавата на СЗО.

Според организацијата, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина, меѓу кои околу 160 милиони деца и адолесценти. Бројките растат во сите региони.

На настанот се најавени владини претставници, експерти за глобално здравје, лица што живеат со дебелина и партнери од различни сектори. Ќе се разгледува што повикот бара од владите, организациите и заедниците и како заложбите да се преточат во практични мерки.

Иницијативата се надоврзува на Глобалниот самит за дебелина во Мадрид, одржан од 26 до 28 октомври, на кој биле разгледани досегашниот напредок и приоритетите до 2030 година.

СЗО го насочува повикот кон носителите на политики, здравствените работници, истражувачите, граѓанските организации и младите, со цел поширока соработка во превенцијата и управувањето со дебелината.

Поврзани вести