
Трио Аура, сочинето од Страшо Темков – флејта, Марјан Милошевски – фагот и Ана Гацева – пијано ќе одржат концерт на 27.11.2026г. со почеток во 19:00 часот во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ (Свети Лав) во Истанбул, Турција.
Трио Аура е еден од водечките и најатрактивните камерни состави на македонската музичка сцена, препознатлив по својата изразена експресивност, компактност на звукот и беспрекорна музичка симбиоза. Составот го сочинуваат тројца истакнати македонски уметници и редовни професори на Факултетот за музичка уметност – Скопје: флејтистот Страшо Темков, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистката Ана Гацева. Нивната несекојдневна инструментална комбинација носи свежина, виртуозност и префинета камерна естетика, поради што музичката критика со право ги нарекува „мајстори на својот инструмент“.
Репертоарот и уметничката мисија на Трио Аура опфаќа широк спектар на дела од сите музички епохи и стилови – од барокот и класицизмот, преку романтизмот, сè до современата музика и танго нуево (дела од Девиен, Јанса, Лефевр, Коетсиер, Бонис, Пјацола и др.). Посебен сегмент од нивната уметничка мисија е континуираната соработка со домашни автори и премиерната промоција на дела од македонски композитори.
Настанот е во организација и поддржан од Македонскиот културен центар во Турција и Министерството за култура и туризам на Македонија.

Македонски



