Skip to main content

Документарниот филм кој ја носи приказната за Елизабет Холмс „Можеш да видиш се“ од 19 ноември во кината во Македонија

Што се случува кога приказната за неверојатен успех ќе се соочи со вистината? Одговорот го носи документарниот филм „МОЖЕШ ДА ВИДИШ СЀ“ (You Can See Everything), кој од 19 ноември ќе започне да се прикажува во кината низ Македонија.

По големиот интерес што го предизвика во регионот и распродадените проекции, овој документарен филм пристигнува и пред домашната публика, носејќи приказна која ги надминува границите на една бизнис афера и отвора многу пошироки прашања за амбицијата, моќта, вистината и начинот на кој ја перципираме реалноста.

Во фокусот е Елизабет Холмс, основачката на технолошката компанија Theranos, која своевремено беше претставувана како една од најголемите надежи на Силиконската долина. Нејзиното ветување за револуционерна технологија и огромен деловен успех ја претвори во медиумска сензација, сè додека нејзината приказна не се распадна во еден од најозлогласените корпоративни скандали на нашето време.

Филмската приказна започнува само 34 дена пред заминувањето на Холмс во затвор, кога таа одлучува да ѝ дозволи на скептична филмска екипа да го следи и документира нејзиниот живот. Но, она што првично требало да биде интимен портрет на една контроверзна личност, се претвора во необично тригодишно снимање, исполнето со неочекувани случувања, нови сознанија и пресврти што го менуваат првичниот поглед на приказната.

Во режија на Натан Филдер и Ленс Опенхајм, „МОЖЕШ ДА ВИДИШ СЀ“ нуди несекојдневен поглед зад сцената на еден од најпознатите случаи во современиот свет на технологијата и бизнисот. Наместо едноставна реконструкција на скандалот, филмот ги истражува сложените односи меѓу вистината и перцепцијата, јавниот имиџ и приватноста, како и границата помеѓу она што луѓето сакаат да го прикажат и она што навистина се случува.

Со својата необична перспектива и актуелна тема, ова е документарец што не само што открива една неверојатна приказна, туку и го поттикнува гледачот да се запраша колку лесно можеме да бидеме убедени во нешто што изгледа совршено и колку е тешко да се препознае вистината зад внимателно изградениот имиџ.

Поврзани вести