Skip to main content

Оскаровецот „Господин Никој против Путин“ на јубилејниот Медиумскиот фестивал Скопје

Десеттото издание на Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, ќе се одржи од 17 до 19 ноември во Лабораториум. Јубилејното издание на единствениот македонски фестивал целосно посветен на медиумската работа повторно нуди
богата филмска програма и интересни разговори на актуелни прашања врзани со новинарската задача.

Како и секогаш влезот е слободен и отворен за сите кои се заинтересирани да добијат подлабок увид во работата на медиумите. Филмската програма е стандардно впеачатлив адут на МФС. За фестивалското отворање е закажан „Птици на војната“ каде ја гледаме храброста и човечноста низ комуникацијата и снимките направени директно од протагонистите – либанска новинарка со седиште во Лондон и сириски снимател, кои обелоденувајќи ја вистината успеваат да изртат и љубовна приказна во сенката на воената
бруталност.

Првата дискусија на десеттото издание на МФС е посветена токму на промените на медиумската сцена во последнава декада и предизвиците што ни се најавуваат во иднина. Непосредно пред разговорот ќе се прикаже и кратко ретроспективно видео за изминатите девет фестивалски изданија.
Вториот фестивалски ден започнува со работилница за справување со стрес каде психотерапевтката Радмила Живановиќ ќе им отвори простор на учесниците да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат и ќе им понуди начини за адекватна грижа за менталното здравје, особено за превенција од т.н. професионално согорување.

Програмата за новинарки на ПИНА веќе пет години создава простор за поддршка, поврзување и зајакнување на жените во новинарството, а тие заложби се отсликани и во фестивалската програма на МФС каде во среда ќе се одржи дискусија за женскиот глас во јавната сфера и обработката на теми што особено ги засегаат жените.

Во среда може да се погледнат „Укради ја приказнава, те молам!“ за непоколебливата легендарна новинарка Ејми Гудман, и „Демократија во мрак“ каде низ приказните за три храбри жени – новинарка, пратеничка од опозицијата и медицинска сестра, ја следиме трансформацијата на Унгарија од демократска земја во авторитарно владеење каде Орбан ја има апсолутната моќ. Последниот фестивалски ден започнува со работилница каде Маја Атанасова од Македонско здружение на млади правници ќе покаже на што да се внимава при потпишување договори и прифаќање ангажмани, како да се откријат стапиците кои може скапо да чинат и на каква правна заштита може да се потпрат новинарите.
Дискусијата со која се заокружува фестивалот е со фокус на медиумската писменост, тема која сѐ повеќе се позиционира како неопходна не само за доаѓање до проверени информации, туку и воопшто за секојдневно функционирање во дигиталната ера.

Со филмската програма повторно се враќаме во Унгарија со впечатливиот „80 гневни новинари“ што ќе се прикажува во четврток во 20 часот. Воениот известувач Андраш Фелдеш ја насочува камерата кон сопствената редакција и одблизу го документира распадот на еден од водечките медиуми во Унгарија. Од колективниот отказ на целиот тим во знак на протест поради нарушената уредувачка независност на медиумот, следи петгодишна борба за професионална автономија во општество кое активно ја гуши слободата.
Фестивалот го затвора извонредниот „Господин Никој против Путин“, награден со Оскар за најдобар документарен филм за 2025 година. Снимките од едно руско училиште го откриваат длабокото влијание на режимот на Путин врз животот на обичните руски граѓани, особено врз децата, кои како пожелни регрути се директна цел на пропагандата. Учителот кој и покрај сите ризици успева да го сподели документираното, овозможува директен увид во инаку скриеното руско секојдневие, каде засилениот национализам полека го стивнува детскиот џагор.

Целосната програма може да се погледне на mfs.mk, а дел од настаните ќе бидат пренесувани и на Фејсбук каналите на Медиумскиот фестивал Скопје и ПИНА.

Поврзани вести