Skip to main content

Реконструиран објект на Единицата за интервентна полиција во Ѓорче Петров, инвестиција од осум милиони денари

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, во Полицискиот центар во Ѓорче Петров, каде што беше пуштен во употреба реконструираниот објект, кој подолг период беше надвор од функција поради оштетувања од пожар.

– Со инвестиција од околу осум милиони денари целосно обновивме 488 квадратни метри простор и обезбедивме значително подобри услови за работа на припадниците на единицата – објави Тошковски на својот фејсбук-профил.

Во рамки на посетата, како што информира министерот, имал можност да се запознае и со текот на специјализираната обука на припадниците на униформираната полиција за справување со нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем, како и со новата опрема за јавен ред и мир наменета за специјалните полициски единици, чија набавка е во тек.

– Полицајците мора да имаат соодветни услови, квалитетна обука и современа опрема за успешно да ја извршуваат својата работа. Вложувањата во полицијата се вложувања во безбедноста на секој граѓанин, а резултатите од нашата работа го потврдуваат тоа – наведува Тошковски.

Тој посочува дека Македонија денес бележи најниска стапка на криминалитет во последните 20 години, а ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители достигнува 70,3 проценти.

– Овие резултати се дополнителен мотив да продолжиме уште посилно со модернизацијата на полицијата, подобрувањето на работните услови и јакнењето на оперативните капацитети – објави министерот за внатрешни работи

Поврзани вести