Skip to main content

Во Словенија в недела се одржуваат локални избори

Повеќе од 1,6 милиони гласачи со право на глас во Словене ќе избираат градоначалници и советници во сите 212 општини в недела, 15 ноември.

Неизвесна изборна трка во Љубљана каде што актуелниот градоначалник Зоран Јанковиќ бара нов мандат, отворена борба за градоначалник на Марибор и бројни контроверзии, вклучително и обвинувања за злоупотреба, ја одбележаа кампањата пред изборите, јави СТА.

Вториот круг избори е закажан за 29 ноември во општините каде што ниту еден кандидат за градоначалник не освои повеќе од половина од гласовите.

Датумот на изборите беше познат однапред, со оглед на тоа што словенечкиот закон предвидува редовните локални избори да се одржуваат третата недела во ноември.

Во поголемите општини, членовите на општинските совети ќе се избираат по пропорционален изборен систем, додека во помалите општини ќе се применува мнозински систем. Во исто време, ќе се одржат избори за локални, рурални и други локални заедници во општини кои имаат таква територијална организација.

Кандидатите можат да бидат номинирани од политички партии, но и од групи гласачи. Независните кандидатури мора да бидат поткрепени со потписи од најмалку еден процент од гласачите во изборната единица, а предвидено е дека бројот на потписи не може да биде помал од 30 или поголем од 1.000.

Претстојните избори ќе бидат деветти редовни локални избори од независноста на Словенија. Првите се одржаа во декември 1994 година, кога земјата имаше 147 општини, додека денес има 212.

Општините во Словенија имаат широк спектар на одговорности поврзани со прашања од локално значење. Меѓу другото, тие се одговорни за просторно планирање, издавање градежни дозволи, комунални услуги, заштита на животната средина, одржување на локалните патишта, водоснабдување, собирање отпад, предучилишно и основно образование, како и организација на заштита и спасување во вонредни ситуации.

Локалната самоуправа ја управуваат три независни тела – градоначалникот, општинскиот совет и надзорниот одбор. Градоначалниците и советниците се избираат директно на избори на секои четири години, додека членовите на надзорниот одбор ги назначува општинскиот совет.

Највисокото претставничко тело во општината е општинскиот совет, кој, во зависност од големината на локалната заедница, може да има од седум до 45 членови. Словенечките општини најголемиот дел од своите приходи ги остваруваат од персонален данок на доход и надоместоци за користење на градежно земјиште, додека дополнително се финансираат од трансфери од државниот буџет и средствата на Европската унија. Законот утврдува фиксен износ од 835 евра по жител за оваа и следната година, што служи како основа за пресметување на средствата наменети за локалните заедници.(МИА)

Поврзани вести