
Не солзавец, туку пепер спреј бил испрскан во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, тврди директорот за „Сител“. Според Димитар Филипов се работи за ученик кој го употребил овој спреј, но не за време на настава туку, како што тврди, испрскал низ прозорецот за време на големиот одмор.
Тој преку писмен демант и телефонска изјава се обрати да ја објасни ситуацијата од нивен агол откако вчера не беше достапен за коментар. Директорот потврдува дека ваков инцидент се случил, но дека тие како училиште презеле мерки откако случајот им го пријавила класната раководителка на ученикот кој дошол на училиште со ваков спреј.
Случајот во телевизијата го пријавиле родители, револтирани што не било реагирано и што учениците коишто сакале да поднесат изјава кај психологот на училиштето и да побарат помош, но не можеле да ја добијат бидејќи не била на работното место, а се побарало помош и од директорот, кој исто така не бил присутен.
Разлика меѓу солзавец и пепер спреј
Класичниот солзавец е надразнувач наменет за поширока маса и предизвикува печење и солзење во времетраење до половина час, а пепер спрејот содржи природен екстракт од лути пиперки и делува како моќен инфламатор кој ги онеспособува сетилата и има подолготрајно дејство.
Тој предизвикува итно отекување и воспаление на слузницата, принудно и неконтролирано затворање на очите кои физички не можат да се отворат, како и чувство на привремено гушење. Се користи за самоодбрана а може да го набави секој полнолетен граѓанин во специјализарана продавница.

Македонски




