Skip to main content

Ќе се казнува пребавно возење на автопатите во Италија

Возачите во Италија наскоро би можеле да плаќаат казни и ако возат пребавно во левата лента на одредени автопатишта. Предложената мерка предвидува минимална брзина од 100 километри на час на автопатите со најмалку три ленти во секоја насока, а прекршителите би се соочиле со парични казни од 40 до 160 евра.

Мерката е дел од нацртот на новиот закон за безбедност во сообраќајот, кој италијанската влада го одобри во октомври и го испрати во парламентот. Според информациите што ги пренесуваат италијанските и швајцарските медиуми, одредбата првично би се применувала на автопатиштата со вкупно шест сообраќајни ленти, односно по три во секоја насока.

Предвидено е возачите во левата лента да одржуваат брзина од најмалку 100 километри на час, со цел да се подобри проточноста на сообраќајот и да се избегне непотребно забавување на возилата што се движат по оваа лента.

Побавното возење ќе биде дозволено кога сообраќајните знаци наложуваат поинаква брзина или кога условите на патот и временските прилики го бараат тоа. Меѓу наведените ситуации се густата магла, силниот дожд, сообраќајните несреќи, работите на патот и застојот во сообраќајот.

Казните, според предложениот текст, би се движеле од 40 до 160 евра.

Мерката ќе важи и за странските возачи.

Поврзани вести