
Македонското камерено трио „Trio in Medias Res“ ќе одржи концерт на 4 ноември 2026 година, со почеток во 19 часот, во катедралата „Сурп Левон“ во Кадикој, Истанбул. Концертот е дел од програмата на Македонскиот културен центар во Истанбул и се реализира во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.
Пред истанбулската публика ќе настапат истакнатите македонски музички уметници Сања Шуплевска Боирал на виолина, Орце Ицковски на фагот и Јанинка Невчева на пијано, кои преку камерното музицирање ќе претстават програма од европската и современата музичка литература.
Концертната програма опфаќа дела од италијанскиот композитор Гаетано Валери, францускиот композитор Камиј Сен Санс, канадската композиторка Елизабет Раум, како и од современиот македонски композитор Александар Пејовски. Ваквиот репертоар претставува музичко патување низ различни стилски епохи и авторски изрази, истовремено афирмирајќи го македонското современо музичко творештво пред меѓународната публика.
Со овој концерт, Македонскиот културен центар во Истанбул ја продолжува својата програмска определба за промоција на македонските музички уметници и композитори во Турција, како и за продлабочување на културната соработка со реномирани турски институции и организации.
Настанот се реализира во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија, а во рамките на програмските активности на Македонскиот културен центар во Истанбул, под покровителство на Министерството за култура и туризам.

Македонски




