Skip to main content

Проекции на документарецот „Руини“ на Чемерска во „Синеплекс“ и во „Котур“

Долгометражниот документарен филм „Руини“, во режија и по сценарио на Елена Чемерска, деновиве се прикажува низ повеќе киносали во земјава. Филмот може да се гледа киното „Синеплекс“. Вечерва и утревечер исто така ќе биде прикажан и во „Котур“ од 19.30 часот.

„Руини“ е интимен документарен филм за личната и колективната меморија, загубата и наследството, во кој процесот на ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани се претвора во патување низ сеќавањето и времето.

Враќајќи се во Македонија за да го започне процесот на ревитализација на споменикот создаден од нејзиниот покоен татко, уметникот Глигор Чемерски, и од архитектот Радован Раѓеновиќ, Чемерска ги испреплетува архивските снимки и личните сеќавања со сегашноста на споменикот. Преку оваа лична приказна филмот ги отвора прашањата за загубата, наследството и исчезнувањето на некогаш споделениот општествен идеализам. Филмот произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата“, инициран од Чемерска во 2017 година, кој кулминираше со целосната реставрација на споменикот и неговите мозаици во 2024 година.

Светската премиера на „Руини“ се одржа на 14 јуни 2026 година, во натпреварувачката документарна програма на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал.

„Руини“ е во продукција на Cinema Futura и Minimal Collective од Македонија, во копродукција со Restart од Хрватска и POTEM од Словенија.

Поврзани вести