Skip to main content

„Лили – Девојчето кое не е од тука“, новиот роман на Мимоза Ристова во издание на „Полица“

Во издание на „Полица“ излезе романот „Лили – Девојчето кое не е од тука“ од Мимоза Ристова, професорка по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Ова е нејзина осмо книжевно остварување.

Приказната обработува едно необично сведоштво за девојче чија мајка тврди дека тоа не е од овој свет. Она што на почетокот изгледа како уште една неверојатна приказна за средба со непознатото, постепено прераснува во сложена потрага по вистината, во која се вклучуваат истражувачи, сведоци и луѓе чии судбини се поврзуваат со мистериозната Лили.

Низ необични случувања, научни претпоставки, митовите за дрвните астронаути и религиозни симболи, романот вешто и низ моќни драматични пресврти го води читателот кон прашања што го интригираат човештвото со милениуми: Кои сме? Од каде доаѓаме? Дали сме сами во бескрајниот Космос? Колкава е веројатноста да не сме сами? И дали науката и духовноста, како две страни на една иста реалност, со здружени сили можат да нè доведат до некоја заедничка вистина по која несвесно копнееме?

„Лили“ е роман на мистерија, нежно допрена со искра на научна фантастика. „Лили“ е филозофско преиспитување на религијата, но и земска приказна за реализираното космичко мајчинство, приказна за синхроницитет и невидливите врски што ги врзуваат луѓето. Во еден ос слоевите на „Лили“ ќе најдете и на суптилна платонска љубов меѓу протагонистите. „Лили“ е исконско-човечка игра меѓу вербата, сомнежот и потребата да му даде смисла на сопственото постоење.

Инспириран од едно необично сведоштво, но изграден како книжевна фикција, романот отвора мегдан за размислување за сериозните граници на човечкото знаење и за можноста да се види реалноста која е далеку посложена од она што со нашето денешно еволутивно сетилно ниво можеме да го спознаеме.

Лили не остава со длабоко задумани во лајтмотивот на романот: најбитното прашање не е дали постои друга интелигенција во Вселената, туку дали човештвото е подготвено за средба со неа.

Романот можете да го набавите во книжарницата „Полица“ во Скопје. Наскоро ќе следи промоција.