
Ватикан отвори изложба посветена на „папамобилот“ – култното возило коешто им овозможува на папите речиси еден век да останат блиски до верниците, како во Италија, така и пошироко.
Ватиканскиот музеј ја претстави изложбата насловена „Еден век на папамобилот“, на којашто се изложени осум возила од марката „Мерцедес-Бенц“ што ги користеле папите од 1930 година досега.
„Папамобилите“ што се изложени, ги одразуваат променливите потреби на папата за време на неговите патувања – особено желбата да остане во контакт со верниците, а во поново време и да ги благословува бебињата што му ги носат. Во 1980., на пр., за посетата на Свети Јован Павле II на Германија, „Мерцедес-Бенц“ го развил моделот „230-г“ што вовел уште една значајна иновација – висока, проѕирна купола во задниот дел. Ова обезбедувало сигурност, а истовремено овозможувало јасен поглед за милионите верници собрани да го видат.
Папата Лав XIV – инаку голем љубител на автомобили, се сретна со високи претставници на „Мерцедес-Бенц“ и им се заблагодари за нивното партнерство со Светата Столица. Во своето обраќање, папата истакна дека напредокот во автомобилската технологија се одвивал паралелно со еволуцијата и промените во начинот на којшто патува папата.
Низ децениите, „папамобилот“ еволуираше од обично превозно средство во инструмент за средба, овозможувајќи му на папата да им се приближи на верниците за време на пасторалните посети и јавните прослави. На тој начин, вашата работа помогна да ѝ се олесни мисијата на Црквата – да допре до луѓето и да пренесе порака на вера, надеж и милосрдие до целиот свет“, изјави католичкиот врховен поглавар.
Најстарото возило изложено во Ватиканските музеи му било подарено на папата Пиј XI на 23 мај 1930 година. Моделот „Мерцедес-Бенц Нирбург 460“ (Mercedes-Benz Nürburg 460) поседувал луксузна фотелја тапацирана со свилен брокат, како и детали изработени од фино дрво и метал.
Тоа беше изработено, дизајнирано и подготвено специјално за потребите на папата – до тој степен што и една едноставна споредба ја открива транзицијата од возило произведено за масовна употреба кон уникатна креација, рече Сандро Барбагало, раководител на Одделот за историски збирки при Ватиканските музеи. „ Од тој миг натаму, стана јасно како биле дизајнирани сите последователни возила – конкретно со цел да се осигура дека папата може да биде виден, но и самиот да гледа надвор, притоа задржувајќи целосна безбедност, па дури би додал – и удобност“, додаде тој.
Во своето обраќање до раководството на „Мерцедес-Бенц“, папата се осврна на електричниот „папамобил“ подарен на папата Франциско, што е во согласност со еколошките приоритети на понтифот од Аргентина.
Во тој дух, ве охрабрувам да продолжите да ги ставате технолошките иновации во служба на човековото достоинство, грижата за созданието и општото добро“, кажа тој.

Македонски


