Skip to main content

Министерката Јаневска очекува студентите да го прифатат предлогот за субвенционираниот оброк

МИА

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска истакна дека очекува студентите да го прифатат договорот што се подготвува за студентскиот субвенциониран оброк, оценувајќи дека решението ќе биде на задоволство и на студентите и на институциите.

Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, Јаневска изјави дека начелно е постигнат договор.

Начелно мислам дека имаме договор. Очекувам одговор од студентите, но не се сомневам дека ќе го прифатат тој договор и дека на задоволство и нивно и наше, повторно оваа Влада ќе биде со студентите – рече Јаневска.

Таа додаде дека Владата останува посветена на младите и на подобрувањето на нивниот стандард.

Ние се посветуваме на младите и кога јас кажувам дека во нив ја гледам иднината на оваа земја, не е тоа флоскула. Тие препознаваат дека тоа јас искрено го мислам и искрено им го порачувам – истакна министерката.

На прашањето околу висината на студентскиот субвенциониран оброк, Јаневска упати на вчерашните изјави на премиерот.

Вчера премиерот многу убаво објасни, сите ја пренесовте изјавата, гледам дека беше актуелна, мислам дека веќе никакви дилеми понатаму немаме – изјави министерката Јаневска.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на пратеничко прашање информира дека предлогот што Владата им го презентирала на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети е покачување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „М.услуги“.

Поврзани вести