
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма од Маја Сивањанам, вонредна и ополномоштена амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, потсети дека македонско-британското пријателство има длабоки историски корени, посочувајќи на заложбите на истакнати британски политичари за слободата и за правата на македонскиот народ уште кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Според неа, денес, тоа е потврдено со стратешкото партнерство како амбициозна рамка што овозможува нови инвестиции во транспортот, енергетиката и здравството.
Осврнувајќи се на безбедноста, претседателката укажа дека како сојузници во НАТО, споделуваме заедничка одговорност за зачувување на мирот и стабилноста во Европа. Таа се заблагодари за долгогодишната британска помош во реформите на одбраната и военото образование, како особено важни во амбиент на растечки геополитички неизвесности.
Амбасадорката изрази подготвеност за продлабочување на соработката со македонските институции, нагласувајќи ја важноста на владеењето на правото и демократијата.
За неа, вложувањето во младите, нивното образование и создавањето можности за нивен развој, како и унапредувањето на еднаквоста, инклузијата и зајакнувањето на улогата на жените и девојките, се клучни за градење побезбедни, попросперитетни и поотпорни општества.
Обете препознаваат широк простор за соработка во областа на културата, науката и образованието, особено преку програмите на Британскиот совет и стипендиите „Чивнинг“.
Сиљановска-Давкова ѝ посака на амбасадорката добро здравје, среќа и успех во извршувањето на дипломатската функција.

Македонски

