Skip to main content

Светска банка предупредува на нов бран поскапувања на енергенсите и храната

Цените на енергенсите во светот годинава ќе пораснат за 32 проценти, објави Светска банка, со посебно силен раст на цените на гасот во Европа.

Во априлскиот извештај Светска банка прогнозираше раст на цените на енергенсите од 24 проценти во оваа година. Новите прогнози покажуваат дека енергенсите во 2027 година би требало да поевтинат за 11,5 отсто, а речиси ист процентен пад банката очекува и во 2028 година.

Понудата на нафта годинава би требало да се намали за 5,2 отсто. Доколку се исклучи рецесијата од 2020 година, тоа би бил најголемиот пад во последните четири децении.

Поради намаленото производство, цената на нафтата од марката „Брент“ во краткорочен период би требало да се задржи на високо ниво, со просек од 92 долари по барел во оваа година. Цените би биле уште повисоки доколку не се очекува пад на побарувачката од 2,5 отсто, напоменуваат од Светска банка.

Побарувачката посилно паднала само за време на пандемиската 2020 година и во 1980 година, за време на нафтената криза. Намалените испораки на течен природен гас (ЛНГ) би требало да ги зголемат цените на гасот во Европа за речиси 60 проценти во оваа година, пресметаа во Светска банка.

Во 2027 година европските цени на гасот би требало да се намалат за осум проценти, со сѐ уште ограничено снабдување. Нормализацијата на пазарот во 2028 година би требало да доведе до пад на цените на овој енергент во Европа за речиси 30 отсто.

Ѓубривото годинава би требало да поскапи за 14 проценти, проценуваат во Светска банка, со што е преполовена прогнозата од априлскиот извештај.

Во 2027 година цените на ѓубривата би требало да паднат за 12,4 отсто и да се вратат на нивото од 2025 година. Опаѓачкиот тренд би требало да продолжи и во 2028 година, со прогнозиран пад на цените од 8,2 проценти.

Цените на прехранбените суровини годинава би требало да пораснат за нешто повеќе од десет проценти, а во 2027 година за нешто повеќе од седум проценти.

Таков развој на настаните би можел да предизвика прехранбена криза слична на онаа од почетокот на 2010-тите години, кога уште околу 40 милиони луѓе беа турнати во екстремна сиромаштија, нагласуваат од Светска банка.

Во 2028 година храната би требало да поевтини за 5,2 отсто, покажуваат проценките на оваа меѓународна финансиска институција.

Цените на нафтата, природниот гас, храната и металите силно пораснаа годинава поради низа глобални шокови, наведува Светска банка. Ситуацијата би можела дополнително да се влоши доколку судирот на Блискиот Исток ескалира и доколку оштетувањата на руската нафтена инфраструктура бидат уште поголеми.

Заменикот главен економист на Светска банка, Ајхан Косе (Ayhan Kose), изјави: „Растот на цените на енергијата и нарушувањата во трговијата ја поттикнуваат инфлацијата, го загрозуваат снабдувањето со храна и го забавуваат економскиот раст“.

Металите годинава би можеле да поскапат за 25 проценти и да достигнат рекордни цени. Алуминиумот, бакарот и калајот би можеле да бидат поскапи поради ограничената понуда и зголемената побарувачка, поттикната од вложувањата во обновливи извори на енергија, електрични возила и центри за обработка на податоци.

Цените на благородните метали годинава би требало да пораснат за 40 отсто поради засилената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на геополитичка неизвесност. Следната година се очекува нивна стабилизација, пренесува Seebiz.eu.

Поврзани вести