
Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш, организатор на „Караманови поетски средби“, ги соопшти резултатите од конкурсите за книжевните награди „Караманов 2026“ и „Ацо Караманов 2026“, распишани во рамките на 53. издание на манифестацијата.
На конкурсот за најдобар необјавен поетски ракопис на македонски јазик одлучуваше жири-комисија во состав: Борче Панов, претседател, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и Славчо Атанасов, членови. Изборот за меѓународната книжевна награда го извршија селекторите Борче Панов и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Врз основа на нивните одлуки и образложенија, Центарот за култура ги објави годинашните добитници. Жири-комисијата едногласно одлучи наградата „Караманов 2026“ за најдобар необјавен поетски ракопис на македонски јазик да му ја додели на Владо Јаневски за ракописот „Сизифовска пролет“.
Од пријавените 26 ракописи, во потесен избор за наградата влегоа: Владо Јаневски со „Сизифовска пролет“, Јулијана Младеновска-Тешија со „Чекркот, чудото и ноќните четвртинки“, Белинда Сипкоска Гаштарова со „Домот ми е полн со небо“ и Маја Мојсова со „Часовник без стрелки“.
– Поетската книга „Сизифовска пролет“ од Владо Јаневски претставува зрело и длабоко промислено поетско остварување, кое преку автентичен лирски израз, луциден поетски код и инвентивна употреба на неологизми создава препознатлив и значенски богат поетски свет. Таа е силно поетско сведоштво за личната и колективната судбина, за балканската историска повторливост, загубата и потребата на човекот да ѝ даде смисла на сопствената егзистенција.
Преку интимни сеќавања, семејни слики и впечатливи симболички мотиви, Јаневски ги преобразува искуствата на детството, миграцијата и историската траума во универзални поетски пораки за припадноста, минливоста и потрагата по значење. Со суптилна метафоричност, наративна непосредност и јазична инвентивност, неговата поезија ги поврзува конкретното и метафизичкото, интимното и колективното, болката и надежта.
Сизифовскиот мотив од насловот ја навестува драмата на постојаното соочување со повторливите порази, но и можноста за нов почеток. Вредноста на оваа поетска книга произлегува од нејзината способност личното искуство да го претвори во поширока историска и општествена рефлексија, афирмирајќи го човековото достоинство и стремежот кон подобро утре. Со својата оригиналност, јазична смелост и препознатлив поетски сензибилитет, „Сизифовска пролет“ претставува значаен придонес во современата македонска поезија – стои во образложението на жири-комисијата.
Владо Јаневски е македонски писател, поет, сликар и стрип-автор, роден во Прострање, а детството го поминал во Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе романи, збирки раскази и поезија, меѓу кои „На грбот на неповратот“, како и на книги и стрипови за деца. Неговиот поетски ракопис „Молкозбор“ е награден со „Антев златник“. Добитник е и на книжевните награди „Пегаз“ и „Стојан Христов“, како и на повеќе награди за раскази, бајки, сценарио и ликовно творештво. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји.
Селекторите Борче Панов и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска одлучија меѓународната книжевна награда „Ацо Караманов 2026“ да му ја доделат на Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина за поетскиот избор „Јаве, привид, меѓувреме“.
Од доставените 17 поетски избори, во потесен избор влегоа: Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина, Цемин Итион Цаи (Tzemin Ition Tsai) од Тајван и Алваро Мата Гиље (Álvaro Mata Guillé) од Костарика. Селекторите му дадоа предност на изборот поезија од Предраг Бјелошевиќ од Босна и Херцеговина (Република Српска).
– Изборот поезија од поетот Предраг Бјелошевиќ со провокативен наслов „Јаве, привид, меѓувреме“ е добитник на големата интернационална награда за поезија „Ацо Караманов“ за 2026 година. Поезијата на поетот Предраг Бјелошевиќ е како барокно шишенце во кое е стиснат мирисот на цела една поетска вселена од јаве, привид и меѓувреме. И токму во тоа меѓувреме поетот Бјелошевиќ ја извишил поетската трамболина за да ја вивне својата песна, но и да го надвиши човекот, да излезе од својата форма и да биде тој еден згуснат мирис на метафизичкото во нас, кое нè допира со сите наши неостварени соништа, но и со нашето сурово јаве и сите наши привиди од кои сме или уплашени или полни со надеж дека сепак сè може да биде подобро.
Неговата песна е како буква со особен звук и облик на гласот, во која и малечкото „р“ во најнезлобните зборови звучи револуционерно и остро за другите букви. Сето ова ни говори дека неговиот поетски јазик е изразито оригинален и со самосвоен поетски глас. Поезијата на Предраг Бјелошевиќ се одликува и со топла семејна црта со која тој нè води до третата димензија на длабочината на сликата, сè до нашето раѓање или до меѓувремето на создавањето на новиот живот. Метафизиката и конкретното во поезијата на Бјелошевиќ создаваат своевидна катарза на ослободувањето и токму заради својата повеќезначност и отвореност, таа ѝ бега на херметичката перцепција за поезијата и отвора еден раскошен влив на сите идни очекувања од животот – стои во образложението на селекторите.
Предраг Бјелошевиќ (Бања Лука, Република Српска, Босна и Херцеговина, 1953) е поет, раскажувач, драмски автор и преведувач. Магистрирал театарска режија во Софија во 1999 година. Автор е на поетски книги за возрасни и деца, книги раскази, бројни драмски текстови и дела од областа на театарската уметност.
Неговата поезија е преведувана и објавувана на повеќе светски јазици, меѓу кои италијански, француски, македонски, англиски, унгарски и словачки, а застапена е во бројни домашни и меѓународни антологии. Неговото дело се одликува со широк тематски распон и метафизичка рефлексија. Се занимава и со книжевен превод, особено од руската литература. Член е на повеќе меѓународни книжевни академии, а од 2016 година е претседател на Здружението на писателите на Република Српска. Добитник е на бројни книжевни и меѓународни признанија, меѓу кои наградите „Златно летечко перо“, „Шушњар“, „Михај Еминеску“, „Орфеј од Дунав“ и „Кочиќева награда“ за целокупното книжевно творештво, известија од Центар за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш.
Годинашните „Караманови поетски средби“ ќе се одржат од 19 до 21 ноември, а централната вечер е на 20 ноември.

Македонски

