Skip to main content

Македонскиот џез состав „Next to Silence“ вечерва настапува во палатата Нимфенбург во Минхен, едно од најпознатите барокни зданија во Баварија

Македонскиот џез состав Next to Silence вечерва во 20 часот ќе одржи самостоен концерт во палатата Нимфенбург во Минхен, едно од најпознатите барокни зданија во Баварија, кое некогаш било резиденција на баварското благородништво. Ова ќе биде прв настап на составот пред германската публика, на кој ќе бидат изведени композиции од двата албума објавени за SJF Records, како и музика од нивниот неодамна снимен трет албум, која премиерно ќе биде претставена надвор од Македонија.

Концертот има посебно значење за музичарите, бидејќи Минхен е седиште на познатата германска издавачка куќа ECM, чиј музички израз имал големо влијание врз формирањето на составот и изборот на неговото име. Со текот на времето, Next to Silence развил сопствен музички стил кој се оддалечува од традициите на ECM.

Настанот е во организација на Echo Soiree, а билетите се достапни преку мрежата Eventim. Next to Silence го сочинуваат Кирил Кузманов (саксофон), Ади Имери (гитара), Петар Лукиќ (клавијатури), Драган Стојковски (бас-гитара) и Гоце Наумов (тапани).

Приказната на групата започнува во 2009 година, кога музичарите, инспирирани од специфичниот звук на европскиот современ џез, започнале да развиваат музички концепт кој постепено прераснал во оригинален авторски израз.
Нивната музика не се ограничува на класичните џез-форми. Таа комбинира импровизација, електронски елементи, атмосферични мелодии и необични ритмички решенија, создавајќи звучни приказни што секој слушател може да ги доживее на свој начин.

Поврзани вести