Skip to main content

Друштвото на писатели на Македонија организира „Поетско матине“ на 24 октомври на пладне

На 24 октомври (сабота), во 12 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, ќе се одржи „Поетско матине“, книжевна средба посветена на авторите од националните заедници кои создаваат во Македонија, како и на авторите кои творат на два или повеќе јазици.

Средбата е замислена како простор за запознавање, слушање и разговор – за различните книжевни искуства, јазици и поетики што ја збогатуваат нашата културна средина.

На „Поетското матине“ учествуваат Вера Чорниј-Мешкова, Љерка Тот-Наумова, Каљош Челику, Рифат Емин, Гордана Јовиќ-Стојковска, Ахмет Селмани и Сузана В. Спасовска, а настанот ќе го модерира Сеида Бегановиќ.

Во рамките на програмата ќе биде претставено творештвото на учесниците кои ќе читаат свои дела , а потоа ќе следува панел-дискусија: „Два дома – еден јазик, два јазика – еден дом“.

Дискусијата ќе биде посветена на искуствата на авторите кои создаваат во повеќе јазични и културни средини, на нивното место во книжевниот простор и на можностите и културните стратегии за нивна поголема видливост и афирмација.

По книжевниот дел ќе следува мал коктел и неформално дружење.

Настанот е замислен како прва во низата идни книжевни средби на кои треба да им се даде простор и глас на авторите од различните национални заедници и на повеќејазичните автори кои создаваат во Македонија и со своето творештво ја збогатуваат нејзината книжевна и културна сцена.