
КАРАНФИЛОВСКА – From Stage to Life е нова авторска линија облека создадена во соработка помеѓу костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска и Перипетија продукција, која на оригиналните театарски костими им дава нов живот надвор од сцената.
Линијата произлегува од идејата костимографските решенија, создадени за театарски претстави, да се трансформираат во современи, секојдневни парчиња облека. На овој начин, костимите ја напуштаат театарската сцена и добиваат нова функција, задржувајќи ја автентичноста и препознатливиот авторски израз на костимографката.
Ивана Каранфиловска Угуровска, која зад себе има долгогодишно искуство во театарската костимографија, преку оваа линија ја проширува својата авторска работа надвор од театарот. Костимографските решенија, првично создадени како дел од сценскиот идентитет на одредена претстава, стануваат самостојни дизајнерски парчиња, наменети за секојдневна употреба.
Посебно внимание е посветено на начинот на производство. Сите модели се изработуваат рачно, од локални шивачи и шивачки, со материјали внимателно избрани од самата дизајнерка. Наместо сериско производство, брендот се определува за мали, лимитирани колекции, во кои секој модел се произведува во само пет примероци.

Првата колекција опфаќа три модели панталони, инспирирани од оригиналните костимографски решенија за претставите „Анна“ и „Татко“, во режија на Нина Николиќ. Колекцијата вклучува еден унисекс и два женски модели, достапни во големини 36, 38 и 40.
Со КАРАНФИЛОВСКА – From Stage to Life, Перипетија продукција отвора нов простор за поврзување на изведувачките уметности и современиот моден дизајн, овозможувајќи авторските дела создадени за театарската сцена да продолжат да живеат и надвор од неа.
Публиката ќе има можност да ги види костимографските решенија од кои произлегуваат моделите на колекцијата и во нивниот оригинален сценски контекст. Следните изведби на претставата „Татко“ се закажани за 4 и 5 ноември 2026 година во Културниот Центар Лабораториум, додека „Анна“ повторно ќе биде изведена на 21 ноември 2026 година на малата сцена на Театар Комедија.
Првата колекција е достапна ексклузивно во URMA Pop – Up Store во Skopje City Mall.

Македонски

