
Судири меѓу демонстранти и полицијата избиле денеска во центарот на Париз, за време на протестите против растот на трошоците за живот и влошувањето на јавните услуги. Полицијата употребила солзавец и водени топови откако маскирани демонстранти фрлале предмети и пиротехнички средства кон полициските кордони. Запалени биле автомобил и киоск за весници.
Главниот протестен марш почнал во 14:30 часот од плоштадот Републик, со планирана маршрута до Плас де Клиши. Полицијата забрани демонстрации во близина на Елисејската палата, владините згради и Елисејските полиња, а во центарот беше распоредено засилено полициско присуство.
На протестите се приклучиле средношколци, студенти, синдикалци и припадници на движењето „Жолти елеци“. Незадоволството, кое првично се прошири од ученичките протести во предградијата на Париз поради недостиг од наставници и лоши услови во училиштата, прерасна во пошироко движење против поскапувањето, нееднаквоста и состојбата со јавните услуги.
Протести и судири имало и во други француски градови. До средината на попладнето, француското Министерство за внатрешни работи соопштило дека низ земјата биле уапсени 272 лица.

Македонски

