
Македонските граѓани јадат безбедна храна, тврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов. Како што изјави денеска, пред настанот по повод Светскиот ден на храната, казните за несовесните оператори се ниски и со законските измени кои веќе се изготвуваат, е предвидено да бидат двојно зголемени.
Според Миланов, АХВ вчера заплени два тона небезбедна храна, а денеска уште шест, по извршените вонредни надзори по пазарите.
Во однос на месните и млечните производи кои во текот на летото беа предмет на инспекциски контроли, анализите, информира Миланов, покажале дека се работи за безбедна, квалитетна храна, но со грешки во декларациите.
Директорот уште еднаш апелира до потрошувачите, да внимаваат што и каде купуваат. Посебно да ги гледаат рокот на употреба, нутритивната табела и органолептичките својства на производите.
Прашан за вратените пратки на македонско овошје и зеленчук од некои од земјите во регионот, напомена дека, согласно анализите, биле сосема во ред, со негативни наоди.
Чудно е зошто се враќат, но секоја држава си го штити својот пазар, својот производ. Ова не е првпат, имавме од Хрвaтска, Бугарија, Србија,… Ние веќе одржавме средби на високо институционално ниво и со стопанските комори. Договорено е да бидеме поригорозни во однос на увозот и извозот. За резултатите што е запленето денеска и утре, наскоро ќе излеземе со резултати. Безбедноста на храната е најбитна. Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме, претходните две години вративме над 650 тони храна од увоз, посочи Миланов.
Директорот укажа дека ниту една држава не може да каже дека јаде 100 проценти безбедна храна, но битно е да има редовни и вонредни инспекциски надзори.
Анализите на месните и млечните производи во летниот период покажаа дека се безбедни и квалитетни, но проблем имаше кај производителите зашто декларирањето не беше согласно регулативата. Можеби имало малку повеќе вода или масленост што не значи дека производот не е квалитен или безбеден. Од политичите опоненти имаше реакции дека не кажуваме кои оператори се. Се работи за наши, македонски квалитетни производи. Земени беа прва, втора и трета анализа, и од промет и од производство, и е увидено дека сите се безбедни. Грешка имало во декларациите од страна на операторите, затоа порачувам и до операторите и до производителите и до потрошувачите да внимават, истакна Миланов.
Глобите за операторите со храна се регулирани според големината на објектот, бројот на вработени и финансискиот обем. И по изрекување на казните, може повторно да се прави контрола, па и да се затвори објектот. Според АХВ, затворени објекти има, а по нивното повторно отворање, операторите ги почитуваат сите прописи.
Целта на денешниот настан е граѓаните да бидат добро информирани и едуцирани за тоа што значи здрава, добра исхрана. Сакаме да алармираме и да го едуцираме населението. Секогаш можеме подобро да се храниме, да внимаваме што конзумираме за да бидеме здрава нација. Забележувам дека младите користат енергетски пијалаци. Да се вратиме на она што е тртадција, поубаво од вода нема, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Од настанот беше испратена пораката дека храната е многу повеќе од основна човекова потреба. Таа е предуслов за здрав живот, достоинство, економски развој и одржлива иднина за сите.
Годинашното мото на Светскиот ден на храната е „Иновирај денес. Нахрани ја иднината“.
Ова нè потсетува дека иднината на храната ја создаваме со одлуките што ги носиме денес. Науката, новите технологии, дигитализацијата, вештачката интелигенција и прецизното земјоделство, заедно со претприемништвото и традиционалното знаење, можат суштински да ги трансформираат агропрехранбените системи. Но, вистинскиот напредок не се мери само со количината на произведена храна, туку и со нејзината безбедност, хранлива вредност, достапност и влијанието врз животната средина. Не е доволно да произведуваме повеќе. Мораме да произведуваме подобро, поодговорно и побезбедно и за луѓето и за животните, истакна директорот на АХВ во обраќањето пред присутните.
Оцени и дека безбедната храна почнува со пет едноставни, но, суштински принципи: одржување на хигиената, одвојување на суровата од подготвената храна, темелна термичка обработка, чување на храната на безбедни температури и користење безбедна вода и исправни суровини.
Овие принципи се основа за спречување на болестите кои се пренесуваат преку храната, но и потсетник дека безбедноста на храната е заедничка одговорност – од фарма до трпеза. Токму тука е клучната улога на Агенцијата за храна и ветеринарство. Преку официјалните контроли, надзорот над храната и храната за животни, ветеринарното јавно здравство, следливоста и управувањето со ризиците, како исклучително одговорна институција работиме на заштита на здравјето на граѓаните, здравјето и благосостојбата на животните и безбедноста на целиот прехранбен синџир. Со примена на науката, современите технологии и меѓународните стандарди, ја зајакнуваме довербата на потрошувачите и создаваме услови за одговорно и одржливо производство. Почитувани, Борбата против гладтта не значи само да има храна, туку таа да биде достапна, хранлива и безбедна за сите. Затоа, потребни се заеднички напори на институциите, науката, земјоделците, прехранбената индустрија и акции кои треба да ги вложи секој од нас. Да иновираме со знаење, да произведуваме со одговорност и да ја чуваме храната како највреден ресурс бидејќи безбедната храна значи здрави луѓе, здрави животни, одржлива животна средина и посигурна иднина за следните генерации. Да иновираме денес за да обезбедиме побезбедна и посигурна храна утре – за сите, порача Миланов.

Македонски

