Skip to main content

Мицкоски за проектите на Владата: Два студентски дома за младите, шест автопатишта се градат, два гасоводи

Премиерот Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ „21“, се осврна на клучните проекти што се реализираат од страна на Владата. Тој ја истакна изградбата на шест автопатишта, два студентски дома, два гасоводи и редица други инвестиции во инфраструктурата, образованието и енергетиката.

Има многу проекти: шест автопатишта се градат, два гасоводи, има историско зголемување на пензиите. За младите имаме два студентски дома, кои сега ги пуштаме, имаме осум училишни дома, кои почнуваат со фаза на реализација. Ве поканувам во Ченто, да го посетите училиштето ‚Крсте Мисирков‘. Не три, туку 1.233 проекти се градат во општините. На државно ниво сѐ што беше оставено и запуштено – дали експресниот пат Страцин – Крива Паланка, дали експресниот пат Градско – Фариш – Дреново, пругата Куманово – Бељаковце, сега втората, па третата фаза до границата со Бугарија, проектирањето на брзиот пат од Кочани преку Виница до Делчево и од Радовиш до Струмица, далноводот Битола – Елбасан, кој беше оставен до никаде – посочи Мицкоски набројувајќи ги проектите што во изминатиот период се реализирале или биле одглавени и ставени во функција.

Дополнително, Мицкоски откри кои проекти посакува да почнат со реализација до крајот на мандатот:

Имам цел да ставиме камен-темелник на ‘Чебрен’ и ‘Галиште’. Имам таква цел затоа што тоа е иднината на државата – порача премиерот Мицкоски.

На крајот, тој потсети дека од првиот ден по изборот на Владата, во периодот што следеше се отворени околу 17 илјади нови работни места, односно бројот на вработени порасна од 691.000 на 708.000, што за економија како македонската претставува значаен исчекор. Исто така, како што посочи, намалена е стапката на невработеност за повеќе од 1% на годишно ниво и подвлече дека Владата прави сѐ што може за да го испорача тоа коешто граѓаните го очекуваат.

Поврзани вести