Skip to main content

„Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ е можност за економско јакнење на жените земјоделки

Посилни правни и стратешки рамки, еднакви права и пристап до земјиште и имот, подобри можности за финансирање и пристап до пазари, поквалитетни советодавни и дигитални услуги, како и поголема поддршка за земјоделските стопанства, бизнисите и задругите предводени од жени, се клучните барања што беа истакнати денеска во Струмица, по повод Меѓународниот ден на руралните жени – 15 Октомври.

Настанот под мотото „Жените земјоделки – лидери на одржливото земјоделство и руралниот развој“ го организираше Националната федерација на фармери (НФФ), со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Амбасадата на Шведска и шведската организација за развој We Effect. Настанот собра бројни претставници од институции, организации и здруженија, како и рурални жени од сите делови на државата, кои со својата работа и ангажман придонесуваат за развој на локалните заедници и посилен глас на жените во земјоделството.

Одбележувањето се одржа во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026 година, прогласена од Обединетите нации со цел да се истакне придонесот на жените во земјоделството и производството на храна, но и да се поттикнат конкретни промени за нивно економско јакнење и поголемо учество во креирањето на земјоделските политики.

Во фокусот на дискусијата беа подобриот пристап до земјиште, финансии и пазари, социјалната сигурност, еднаквите можности и потребата од поголемо институционално препознавање на трудот и знаењето на жените земјоделки.

Во рамки на настанот беше промовиран и актуелниот јавен повик за Мерката 115 – „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ од Програмата за рурален развој, преку која жените можат да добијат финансиска поддршка до 360.000 денари по корисник. Заинтересираните жени земјоделки кои сакаат да започнат сопствен бизнис или да го унапредат постојниот можат да аплицираат до 13 ноември 2026 година.

НФФ: Финансиската поддршка треба да биде проследена со социјална сигурност и можности за развој

Претседателот на НФФ, Стеванче Јорданоски, истакна дека Меѓународниот ден на руралните жени е можност да се направи видлив придонесот што жените секојдневно го даваат во производството на храна, развојот на семејните земјоделски стопанства и животот на руралните заедници.

Тој посочи дека работата на жените во земјоделството често се преплетува со грижата за домот и семејството, при што нивниот труд не секогаш е соодветно препознаен и вреднуван. Затоа, како што нагласи, неопходни се решенија што ќе им обезбедат подобри услови за работа, економска самостојност и поголема улога во управувањето со земјоделските стопанства.

„Објавениот повик за Мерката 115 претставува добра можност за економско јакнење на жените земјоделки и за зголемување на нивната улога во управувањето со земјоделските стопанства и бизниси. Сепак, финансиската поддршка треба да биде надополнета со практични обуки, подобар пристап до пазари и можности за развој на бизнисот, со цел да се обезбедат долгорочна одржливост и поголема економска независност на жените во руралните средини“, истакна Јорданоски.

Тој нагласи дека е особено важно да се воспостави траен законски механизам за социјална заштита на жените земјоделки при мајчинство и боледување.

„Економската независност не може да постои без основна социјална сигурност. Успехот на мерките за поддршка треба да се мери преку зголемените приходи, сигурноста, знаењето и економската самостојност на жените. Институциите треба директно да ги вклучат жените во планирањето, спроведувањето и следењето на мерките што влијаат врз нивниот живот и работа“, порача Јорданоски.

МЗШВ: Мерката 115 – можност жените земјоделки да инвестираат во сопствен бизнис и економска независност

Поддршката до 360.000 денари по корисник преку мерката 115 – „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, и вкупно 100.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство преку Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, чии средства со ребалансот се зголемени од еден на два и пол милиони денари, беа во фокусот на обраќањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

„Во вашите успеси се гледа силата на македонското земјоделство, а во вашите идеи се препознава насоката за неговиот следен исчекор. Како министер, преземам обврска тие идеи да добијат поддршка, а вашиот глас да има поголемо влијание врз одлуките што ги носиме“, им порача министерот Серафимовски.

Меѓународните партнери со заедничка порака за еднакви можности

Постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбиа, нагласи дека одговорите на предизвиците со кои се соочуваат руралните жени треба да се обликуваат со нивно непосредно учество.

„Зад секое стопанство и секој производ стои лична приказна за труд, истрајност и знаење. Решенијата треба да ги градиме со жените земјоделки, слушајќи што навистина им помага и каква дополнителна поддршка им е потребна. Обединетите нации се подготвени да ги поддржат овие напори, за денешното признание да прерасне во трајни можности за жените да ја обликуваат иднината на своите заедници“, порача Колумбиа.

Лоло Дарин, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Македонија, оцени дека вложувањето во руралните жени носи придобивки за нивните семејства и за целите заедници. Таа ја поздрави иницијативата за обезбедување платено породилно отсуство за регистрираните жени земјоделки и изрази надеж дека таа ќе прерасне во трајна и системска промена.

„Искуствата од Шведска и од многу други земји покажуваат дека кога жените напредуваат, напредуваат и заедниците“, истакна Дарин.

Кристина Митиќ Арсова, национален координатор на програма и проект-менаџер во ФАО Македонија, го поврза економското јакнење на жените земјоделки со мандатот на ФАО за свет без глад и со претстојниот Светски ден на храната, под мотото „Иновирај денес, нахрани го утрешниот ден“.

„Луѓето што произведуваат храна треба да можат достоинствено да живеат од својата работа. Жените земјоделки носат знаење, идеи и претприемачки дух што се драгоцени за иднината на земјоделството. Наша заедничка задача е да ги поддржиме нивните иновации и да создадеме можности тие да успеат како лидери во развојот на конкурентно, одржливо и отпорно земјоделство“, истакна Митиќ Арсова.

Националниот менаџер на We Effect за Европа, Сашо Ангеловски, потенцираше дека лидерството, трудот и претприемачкиот дух на жените земјоделки се суштински за производството на храна, локалните економии и одржливото управување со природните ресурси.

„Пристапот до советодавни услуги, финансирање, технологија, иновации и пазари не треба да биде привилегија. Тој треба да биде реална можност за секоја жена што работи, создава и инвестира во иднината на своето семејство и заедница“, порача Ангеловски.

Од ресурси до резултати: потребни се знаење, иновации и пристап до пазари

Овие прашања беа во фокусот и на панел-дискусијата „Од ресурси до резултати: Како да обезбедиме еднаков пристап до знаење и иновации за жените земјоделки“, која ја модерираше Билјана Петровска-Митревска од НФФ.

Во панелот учествуваа Елена Новачка, советник за земјоделство во Канцеларијата на претседателот на Владата, земјоделката Трајанка Златковиќ, малата операторка со храна Емилија Пехчевска и Александра Чепарковска, земјоделка и мала операторка со храна.Разговорот беше посветен на достапноста на советодавните услуги, финансиската поддршка, технологиите и иновациите, како и на можностите за пласман на земјоделските и прехранбените производи. Преку конкретните искуства на учесничките беа отворени прашањата за предизвиците со кои се соочуваат жените во секојдневното работење и потребата од мерки што ќе одговорат на нивните реални потреби.

Посебно внимание беше посветено на јавниот повик за Мерката 115, при што беа разгледани можностите што ги нуди за развој на женското претприемништво во земјоделството, како и значењето на навременото информирање и достапната поддршка за подготовка на апликациите.

НФФ додели признанија за придонесот на жените во земјоделството и руралниот развој

Во чест на Меѓународната година на жената земјоделка, НФФ додели признанија за достигнувањата, посветеноста, иновативноста и придонесот кон развојот на земјоделството и руралните средини.

Признанија добија:

  • Славјанка Пачарска од Будинарци, Беровско – за активизам, придонес во подигнувањето на гласот на руралните жени и долгогодишно членство во НФФ.
  • Маја Томова од Тимјаник, Неготинско – за успешна операторка со храна.
  • Валентина Апостолова од Прилепско – за успешна земјоделка.
  • Џумазија Ќамилоска, од Дебар – за успешна операторка за храна.
  • ПРОАГРО ФАРМЕРИ – Здружение на земјоделци Струмица – за посебен придонес во развојот на родовата еднаквост во руралните заедници и развојот на земјоделството и руралните средини.

Со овие признанија, НФФ ги истакна индивидуалните и колективните достигнувања на жените и организациите кои придонесуваат за порамноправни, поодржливи и поразвиени рурални заедници. Истовремено, беше нагласена важноста на поддршката, едукацијата и информираноста како клучни фактори за економско јакнење на руралните жени.

Заедничката порака од одбележувањето е дека вложувањето во руралните жени значи вложување во посилно земјоделство, поотпорни семејни стопанства и одржлива иднина на руралните заедници. За да се постигне тоа, потребни се континуирана институционална поддршка, еднакви права, социјална сигурност и реални можности жените земјоделки да го развиваат својот потенцијал и активно да учествуваат во креирањето на земјоделските политики.