Skip to main content

Како да се подготвите за промената на времето?

Pixabay

Поместувањето на часовникот може да го наруши сонот, дури и кога преминот на зимско сметање на времето ни овозможува да спиеме еден час подолго. Промената може да го наруши вообичаениот ритам на спиење, поради што некои луѓе се будат порано од вообичаено или потешко заспиваат.

Оваа година часовниците се поместуваат еден час наназад на 25 октомври. За полесно приспособување, докторката Али Хер, експертка за спиење, сподели неколку совети за британскиот медиум „Експрес“.

Според неа, и поместувањето на часовникот за само еден час може да влијае врз природниот ритам на телото и квалитетот на сонот. Сепак, соодветната подготовка однапред може да го олесни приспособувањето кон новиот распоред.

Во неделите пред промената на времето се препорачува постепено приспособување на вечерната рутина. Наместо одеднаш да го менувате времето на легнување, секоја вечер обидете се вообичаените активности пред спиење да ги започнете околу 15 минути подоцна од претходната вечер.

Ваквиот постепен пристап може да му помогне на телото полесно да се приспособи кон новиот распоред и да го усогласи циркадијалниот ритам – внатрешниот биолошки часовник што го регулира циклусот на спиење и будност.

Постепеното поместување на вечерниот оброк кон подоцнежен термин е уште една препорака на експертката. Ритамот на дигестивниот систем, исто така, учествува во регулирањето на спиењето, заедно со биолошкиот часовник во мозокот.

Затоа, постепеното усогласување на времето за вечера со новиот распоред може да биде дел од подготовката за промената на времето.

Периодот пред поместувањето на часовникот е добра можност да ги отстраните непотребните предмети од спалната соба и да создадете помирна средина за одмор. Се препорачува пригушено, смирувачко осветлување, а креветот првенствено треба да се користи за спиење.